Фото: Центар за управување со кризи

Драма во Куманово: Спасен човек заглавен во „жив песок“

Настраданиот е жив, но многу истоштен и изнемоштен од долготрајното заглавување. Тој е веќе во болница во Куманово и е надвор од животна опасност – додаваат од Центарот за управување со кризи

Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица и Итната медицинска помош од Куманово, утрово спасија човек заробен во длабока тиња и „жив песок“ покрај кумановскиот дел од реката Пчиња.

Од Центарот за управување со кризи соопштија дека пожарникарите од 4 до 7 часот го спасувале човекот.

Случајот во ЦУК го пријавил риболовец, кој ги слушнал повиците за помош на лицето кое покрај реката заглавило во длабока тиња и кал.

– Ситуацијата била опасна, бидејќи полека, како што лицето сакало само да се извлече, сè повеќе пропаѓало на местото каде што почвата била буквално, како маскиран „жив песок“ со исушен слој најгоре, на површината (од топлото време), а надолу како да немало дно – велат од ЦУК.

Пожарникарите успеале да го фатат со јажиња и полека почнале да го извлекуваат, при што било потребно и нивно доизвлекување, бидејќи и тие тонеле полека во меката почва. Еден со друг тимски си помагале, етапа по етапа, од сложеното, а навидум едноставно извлекување и спасување на заглавеното лице од опасниот терен.

– Откако пожарникарите го извлекле од длабоката тиња и кал, што била буквално како „жив песок“, лицето речиси се онесвестило и го ставиле на специјалната спасителна даска за носење. Додека едни го носеле, други со секири го расчистувале пред нив патот од вегетација и дрвја за да се пробијат до пристапниот пат каде што ги чекала Итната медицинска помош. Настраданиот е жив, но многу истоштен и снеможен од долготрајното заглавување. Тој е веќе во болница во Куманово и е надвор од животна опасност – додаваат од Центарот за управување со кризи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот