
Домашна екипа учествува во изведбата на операта „Боеми“
На сцената на Националната опера и балет на 16 март, со почеток во 20 часот, ќе биде изведено оперското ремек-дело „Боеми“ од Џакомо Пучини.
Препорачано
Приказната за животот на љубовниците Родолфо и Мими ќе се изведе под диригентската палка на Бисера Чадловска, во режија на Дејан Прошев, претставата е доловена преку масивната сценографија на Зоран Николовски и колоритната костимографија на Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во операта настапува домашна солистичка екипа: Ѓорѓи Цуцковски, Благица Поп Томова, Марјан Јованоски, Драган Ампов, Александар Стефаноски, Биљана Јосифов, Невен Силјановски, Борко Биџовски, Јане Дунимаглоски, Тихомир Јакимовски, Диме Петров, во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
„Боеми“ од Џакомо Пучини e опера во четири чина, дејството се одвива во Париз, либрето се базира на „Сцени од животот на боемите“ од Хенри Мургер. Публиката за миг ќе биде пренесена во париските поткровја, каде неколку млади уметници и покрај сиромаштија и борејќи се за основните потреби на секојдневието (храна, огрев) живеат крепејќи се од идеалите и љубовта, без скршена пара во џебот претендираат да живеат боемски.