
Долгометражниот игран филм „Живи и здрави“ е весела фарса со црногорски елемент
Македонската премиера на долгометражниот игран филм „Живи и здрави“ на црногорскиот режисер Иван Мариновиќ ќе се одржи на 16 јули, во 20:30 часот, во рамки на програмата „МК во ЕУ“ на фестивалот на европски филм „Синедејс“ во Парк МКЦ.
Препорачано
Играниот филм „Живи и здрави“ на сценаристот и режисер Иван Мариновиќ е мнозински црногорски филм снимен во копродукција со уште пет држави. Партнери во филмската копродукција се „Адриатик вестерн“ од Црна Гора, „Сенс продукција“ од Србија, „Аналог вижн“ од Чешка, „Кинорама“ од Хрватска, „Круг филм“ од Северна Македонија“ и „Спок филм“ од Словенија, а како копродуцент се појавува и Радиотелевизија Црна Гора.
Два дена пред свадбата, Драгана, невестата, изјавува дека нема да се мажи, и покрај тоа што сѐ е подготвено. Лесо, немилосрдниот патријарх на семејството на младоженецот, ѝ го нуди на бунтовната невеста следново: истерај ја проклетата свадбата и потоа оди каде сакаш. Таа прифаќа. Момо, младоженецот, сѐ уште ја сака и се надева дека таа ќе остане.
Традиционалната црногорска свадба е со цела низа откачени ликови кои следат серија од апсурдни чекори, во комбинација со алкохол, пукање и динамит. Оваа весела фарса ќе ги изнесе на површина и нивните најлоши лични дилеми.
Филмот беше прикажан во официјалната селекција на престижниот меѓународен филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин. Режисерот Иван Мариновиќ истовремено е и продуцент на филмот, заедно со Марија Стојановиќ. Кинематографер е Доминик Истенич, а монтажата е на Михал Рајх. Во филмот играат Тихана Лазовиќ, Горан Славиќ, Момо Пичуриќ, Горан Богдан, Снежана Синовчиќ, Мирјана Јоковиќ, а и нашиот Никола Ристановски се појавува во една од епизодните улоги. Музиката во филмот е на Тони Китановски.
Проекцијата на филмот ќе се одржи на 16 јули, во 20:30 часот, во рамки на програмата „МК во ЕУ“ на фестивалот на европски филм „Синедејс“ во Парк МКЦ во Скопје.