Клиника за респираторни заболувања кај децата Козле / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ДОКУМЕНТИ | Каролина Симоновска, директорка на детската болница „Козле“ отпушти од работа докторка специјалист за бронхоскопија со 27 години искуство, за време на боледување

Каролина Симоновска, директорка на ЈЗУ Клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, ја отпушти од работа докторката со 27-годишно искуство Веселинка Митровска Јосифова и тоа додека докторката вршела иследувања за болест и користела боледување. За 1 месец, оваа лекарка која 27 години од животот ги поминала во „Козле“ повеќе нема да има здравствено осигурување.  Специјалист Веселинка Митровска Јосифова е реномиран ОРЛ специјалист и бронхоскопист. Таа со години беше началник на одделот на кој со сложени медицински интервенции беа отстранувани туѓи тела од дишните патишта на малите деца. Но, летото 2024 година, си даде оставка од раководното место откако за директорка од страна на Арбен Таравари беше поставена Каролина Симоновска.

Во оставката наведе дека не може да работи на одделот без потребните потрошни материјали неопходни за изведувањето на интервенциите. Се работи за апарат колоквијално наречен „баскет“ со чија помош се изведува процедурата за вадење на туѓото тело од дишните патишта на децата. Таа се спротистави и на тоа што „Козле“ го прекина договорот со КАРИЛ, па така децата за време на бронхоскопиите наместо да бидат соодветно седирани од анестезиолозите што доаѓаа на приправност – сега се седираат за време на ваквата интервенција со дијазепам. Но, на 31 декември 2024 година, со одлука токму од директорката, доктор Каролина Симоновска, специјалистот е вратен со одлука да извршува работи и работни задачи во бронхоскопија. Тоа впрочем е и местото каде докторката работела 27 години додека директорите се менувале.

Меѓутоа, на 23 јануари 2025 година, во „Козле“ дошло дете, пациент, кој имал залетнат предмет, индиски орев во дишните патишта. Во 9 часот изутрина, бронхоскопскиот тим, заедно со докторката Веселинка Митровска Јосифовска влегле во салата и ја почнале интервенцијата за отстранување на туѓото тело. Почнала процедурата, но се одложила за истиот ден во 14 часот. Во првата интервенција во 9 часот Митровска Јосифовска била присутна во салата и работела.

Но, во меѓупериодот од 9 до 14 часот (кога била закажана втората бронхоскопија на истиот пациент), докторката одненадеж станала „неподобна“ да биде во тимот од мистериозни причини. Директорката Симоновска влегла во бронхоскопскиот кабинет и со повишен тон ѝ се обратила на специјалистката да излезе надвор, дека нема дозвола да биде на интервенцијата. Докторката се спротиставила, останала на целата интервенција, туѓото тело од детето било извадено и си заминала дома.

Истиот ден, таа е одјавена од осигурување а тоа го дознала на матичен лекар. Боледување зела идниот ден после бронхоскопиите и вршела иследувања за здравствени проблеми. Токму на лекар, ѝ било соопштено дека е одјавена и тоа на 23 јануари 2025 година, ден во кој всушност била на работа.

Вчера на огласната табла во ЈЗУ „Козле“, осамна нејзиниот отказ, кој никогаш не го примила. Во него е наведено дека „со недолично и чудно однесување и насилно влегување во кабинетот го довела во опасност животот на малолетниот пациент бидејќи не сакала да ја напушти просторијата со оглед дека не е член на бронхолошката екипа“. Докторката одбила да излезе обраќајки ѝ се на директорката пред сведоци (и додека пациентот бил спреман за интервенцијата) дека има наредба да биде на тоа одделение издадена токму од неа. Вчера доби решение за престанок на работен однос без отказен рок, базирано на дисциплинска комисија што никогаш не ја повикала да даде исказ. Лекарите се згрозени. Колегиумот испрати писмо до медиумите во кое бараат разрешување на директорката и итно враќање на докторката на работа. Три медицински сестри што биле присутни, одбиле да дадат изјава против докторката.

Во протестното писмо од Лекарскиот колегиум на Универзитетската Клиника за респираторни заболувања кај децата Козле се изразува безрезервна поддршка на д-р Веселинка Митровска Јосифова и се бара итно разрешување на в.д. директорката Каролина Симоновска.

Последниот скандал што ја потресе клиниката, лекарите како и нашите пациенти е дека д-р Веселинка Јосифовска Митровска е бескрупулозно избркана од работа. Во отказното решение добиено од раководството таа е обвинета дека физички присуствувала во кабинетот за бронхоскопија кога се интервенирало на вадење на страно тело од дишните патишта на еден од нашите пациенти. Присуството на колешката само ја потврдува нејзината загриженост за здравјето на пациентите кои се нејзин домен на работа. Докторката Јосифовска се соочува со непријатна средба со директорката, и тоа за време на
интеревенцијата, и истата се обидувала насилно да ја острани од кабинетот за што постојат сведоци. Ја информираме јавноста дека интервенцијата кај детето резултирала со успех, извадено е туѓо тело од дишните патишта на пациентот. Со ништо и во ниеден момент не било загрозено детето, ниту пак присуството на лекар кој има 22 год искуство со оваа проблематика би можело на било кој начин да го загрози животот на детето. Напротив доколку би дошло до компликации, лекарите кои се присутни а имаат долгогодишно искуство би можеле да интервенираат веднаш. Но парадоксот е дека според директорката како што пишува во отказното решение е дека нејзиното присуство го довела во опасност
животот на пациентот, стои во писмото.

Се додава дека колегиумот е на мислење дека на докторката ѝ е нанесена целосна неправда и без никаква вина добива отказно решение од актуелното раководство.

Своеволието на директорката уништува многу животи ,ја уништува клиниката Козле а тоа дирекно се рефлектира на пациентите. Откако е назначена досега, нејзиното директорување брои низа скандали за кои јавноста беше информирана. Се спроведоа и средби со Министерот за здравство на кои беа укажани
проблемите во клиниката. Се депонираа 30 потписи на лекари кои бараа разрешување на директорката.
Се уште се чека одговор за нејзино разрешување . Лекарскиот колегиум уште еднаш ги замолува надлежните институции, Министерот за здравство и Премиерот да стават крај на своеволието на Симоновска бидејќи Клиниката Козле е државна институција од огромно значење во пружањето на здравствена заштита на највулнерабилната група на пациенти, децата, и дискредитацијата што и ја нанесува директорката на оваа клиника е дискредитација на целиот здравствен систем, се додава во дописот од лекарскиот колегиум.

Потоа од Клиниката стигна спротивно писмо, во кое се наведува дека „болницата се соочува со оркестриран политички напад“.

Јавноста треба да знае дека секое лекарско однесување надвор од лекарската етика, а особено при извршување на оперативен зафат на малолетно лице, мора да се санкционира како не би настанале полоши последици за кои потоа доцна би било каква реакција. Дрското однесување и попречување на работата е недозволено и мора да биде санкционирано без оглед за кого се работи. Цел стручен колегиум стои на таа одлука. Клиниката работи по закон и спроведува законски прописи, напиша Симоновска во дописот насловен како „демант“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот