Доктори „на лента“: Само 65 специјалисти читале резултати од магнетна резонанца во „Мој Термин“ лани

Фото Колаж на СП

Само 65 доктори специјалисти по радиологија лани биле задолжени да ги прочитаат резултатите од магнетна резонанца за пациентите, велат од Министерството за здравство на прашањето на „Слободен печат“ колкумина се задолжени за оваа клучна фаза од лекувањето. Пациентите се жалат дека термините за закажување магнетна резонанца се малку и се чека долго, но чекањето е и поради тоа што нема кој да им го прочита резултатот од снимката.

– Во моментот има 65 доктори специјалисти по радиологија во 10 јавни здравствени установи низ државата. Според податоците од „Мој Термин“, минатата година се изготвени вкупно 24.403 извештаи за магнетна резонанца од специјалисти радиолози во земјава, велат од Министерството за здравство за „Слободен печат“.

Министерот за здравство, доктор Фатмир Меџити неодамна апелираше специјалистите да не ги „злоупотребуваат“ термините и да не им даваат упати за магнетна резонанца на тие пациенти што немаат потреба, притоа алудирајќи дека такви злоупотреби имало во македонскиот здравствен систем, каде со фаќање врски и без чекање, туку преку ред, се протнувале пациентите. Но, вистинскиот проблем е што нема доволно радиолози во земјава, а во болниците каде што има апарати за дијагностика, нема доволно лекари кои ги читаат резултатите, а потоа поставуваат дијагноза и им препишуваат терапија на пациентите. Најголем број радиолози според Министерството за здравство има на Клиниката за радиологија, како и на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, во ГОБ „8 Септември“, како и во клиничките болници во Штип, Тетово и Битола.

Некои болници во кои што нема радиолози да читаат резултати од магнетна резонанца, склучуваат договори со радиолозите од поголемите болници за да читаат резултати. Така, се полнат ординациите на приватните специјалисти каде има и термини и читање на резултатите без чекање, но за пари од џеб.

– Барам термини за магнетна резонанца на државно ниво, моментално има само во Битола, ама со жолто е и пишува „термин со ограничување“. Некој да каже искуство во ЈЗУ клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“, пишуваат пациентите на социјалните мрежи.

Недостигот на лекари специјалисти ја прелива чашата и ги принудува пациентите, особено за животозагрозувачки состојби кои не можат да чекаат, чарето да си го бараат во приватните болнци каде има и кадар и термини и брза услуга, но за солени цени.

На Универзитетскиот институт за радиологија има три апарати за магнетна дијагностика. Докторите од Институтот неодамна рекоа дека магнетната дијагностика била „премногу барана, дури и злоупотребена како метода“.

– Мислам дека тука е основниот проблем. Треба да се прави правилна тријажа на пациентите. Значи, да се утврди кој пациент е итен за магнетна, нему да му дадеме предност. Заради тоа апелирам и кон своите колеги да направиме правилна тријажа, со цел да им дадеме предност на оние на кои магнетната резонанца навистина  им е неопходна. Во тој случај ние би биле далеку поефикасни, рече директорката на Институтот, доктор Гордана Антулеска Белческа.

Обвинувањата дека пациентите им влијаат на своите специјалисти за да добијат магнетна резонанца без потреба, не поминаа без критики во јавноста, со оглед на тоа што пациентите кои се подложуваат на ваква дијагностика, вообичаено се сомневаат на сериозни болести и одат да го направат прегледот за да не станат „итни“ и животозагрозени.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот