Договорот со Бугарија е договор за иднината, а не за минатото и за историјата!

Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски. / Фото: Приватна архива

Сè додека во Бугарија нема политичка волја за спречување на недобронамерната пропаганда против „македонизмот“, тешко може да стане збор за политичка волја за пријателство, добрососедство и соработка, која беше изразена во Договорот од 2017 година.

Постигнатиот „Договор за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија“ (1.8.2017) има само 5 страници и 14 члена. Сите членови од Договорот се однесуваат на иднината и главно содржат „ќе“ во формулациите.

На пример, во Договорот пишува: „Двете договорни страни ќе развиваат сестрани односи…“ (чл. 1), „ќе соработуваат“, „ќе ја развиваат соработката“ (чл. 2), „ќе помагаат за развој на соработката“ (чл. 3), „ќе одржуваат контакти и ќе остваруваат средби“ (чл. 4), „ќе ги поттикнуваат заедничките инвестиции“ (чл. 5), „ќе го поддржуваат зголемувањето на туристичката размена“ (чл. 6), „ќе ги прошируваат и усовршуваат транспортните врски и комуникациите“ и „ќе се стремат кон олеснување на царинските и граничните формалности за патниците и стоките“ (чл. 7), „ќе ја поттикнуваат активната и непречена соработка во областа на културата, образованието, здравството, социјалната грижа и спортот“ (чл. 8), „ќе прават напори за слободно распространување на информации“ (чл. 9), „ќе ја унапредуваат соработката во правната и конзуларната област“ (чл. 10), „ќе преземаат ефикасни мерки за спречување на недобронамерна пропаганда“ (чл. 11 ст. 6), „ќе основаат заедничка меѓувладина комисија“ (чл. 12) итн.

Сите овие примери се доказ дека Договорот со Бугарија од 2017 година во суштина е договор за иднината, а не за минатото!

Во потрага по „заедничка историја“ што поврзува „во духот на европските вредности“

Како се случи политичкиот договор од 2017 година да биде перципиран и третиран како договор за минатото, а не за иднината, кога изразот „заедничка историја“ се среќава само еднаш во Договорот – „Имајќи ја предвид заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи…“ (на првата страница, во преамбулата)?

Како се случи овој договор за иднината да биде злоупотребен со пропагандни толкувања на изразот „заедничка историја“, кога во Договорот убаво си пишува дека станува збор за „заедничка историја“ која „ги поврзува двете држави и нивните народи“, а не за „заедничка историја“ која ги раздвојува и дели двете држави и нивните народи?

Точно е дека во Договорот се среќава уште неколку пати зборот „историски“, во член 8, став 2 и став 3, и тоа со следниве значења:

  1. Во рок најдоцна до три месеци од влегувањето во сила на овој договор, со цел продлабочување на заемната доверба, двете договорни страни ќе формираат Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на договорните страни.
  2. Двете договорни страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности.“

Како дојде до тоа да се злоупотребува „Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“, кога во Договорот се јасно формулирани нејзините цели:

– Да придонесе за „научно толкување на историските настани“, кое ќе биде „објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори“.

– Да дефинира „заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности“, за да се постигне „заемна согласност заеднички чествувања“ („Имајќи ја предвид заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи…“).

Па, толку ли е тешко да се дефинираат неколку „заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности“? Толку ли е тешко да се даде „научно толкување на историски настани“ кои ќе нѐ поврзуваат, и ќе ги зајакнуваат „добрососедските односи во духот на европските вредности“?

Наместо унапредување на соработката, непријателска блокада и продлабочување на омразата

Наместо унапредување на соработката во сите споменати полиња, и „историски“ договор во духот на европските вредности“, сведоци сме на дејствија кои што Договорот експлицитно ги забранува. На пример, Договорот забранува „дејствија, насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер“ (чл. 11 ст. 1). Има ли поочигледно дејство со непријателски карактер од ставањето на вето за почеток на преговори на соседната земја и поставување уценувачки услови кои не се содржани во Договорот за пријателство?

Исто така, во Договорот јасно стои дека „Двете договорни страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга“ (чл. 11 ст. 3). Оттаму, чуму беше потребна дополнителна нота дека „Северна Македонија“ нема територијални претензии кон Бугарија, кога тоа јасно си го пишува во Договорот?

Како се случи, наспроти Договорот за пријателство, една од владејачките партии во Бугарија во 2021 да излезе со предизборен спот во кој се промовира пропаганден слоган дека „Македонија е бугарска, а Бугарија е над сѐ“? Зошто сè уште ѝ се дозволува на истата партија (која во меѓувреме не успеа ни да влезе во парламентот) да води недобронамерна пропаганда со слоганот „Македонија е бугарска“ – кога во Договорот јасно си стои дека „двете договорни страни ќе преземаат ефикасни мерки за спречување на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат дејности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични дејствија, кои би им наштетиле на нивните односи.“ (чл. 11 ст. 6)

Зошто Бугарија не презема никакви мерки за спречување недобронамерна пропаганда, туку во бугарските медиуми во изминативе неколку години се изнаредија стотици лица, кои како да се натпреваруваа кој поубедливо ќе го оцрни „македонизмот“, и со тоа ќе поттикне повеќе нетрпеливост и омраза кон Македонците, македонскиот идентитет и македонскиот јазик?

Во вториот дел од анализата ќе аргументираме зошто бугарската медиумска пропаганда против „македонизмот“ не придонесува за меѓусебното почитување, доверба, разбирање, и добрососедство, туку е генератор на неразбирање, непочитување, непризнавање на основните човекови права, и поттикнување на нетрпеливост, омраза и раздор.

Исто така, ќе аргументираме и дека со медиумската хајка против „македонизмот“, се газат и принципите на Повелбата на Обединетите нации и документите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, како и демократските принципи содржани во актите на Советот на Европа. Сè додека во Бугарија нема политичка волја за спречување на недобронамерната пропаганда против „македонизмот“, тешко може да стане збор за политичка волја за пријателство, добрососедство и соработка, која беше изразена во договорот од 2017 година.

 

Извор: Цивил медија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот