Фото: Принтскрин

Додик го предложи кандидатот за претседател на Република Српска од својата партија: Кој е Синиша Каран, кого го поврзуваат со геноцидот во Сребреница?

Вашингтон го стави на „црната листа“ Синиша Каран кој е кандидатот од партијата на експретседателот на Република Српска, Милорад Додик.

Поранешниот претседател на Република Српска (РС), Милорад Додик, вчера од Сочи потврди дека предлогот на неговата партија СНСД за претседател на РС на вонредните избори во ноември ќе биде Синиша Каран, објави „Данас“.

— Ние тоа ќе им го предложиме на коалиционите партнери, а нашиот предлог ќе биде министерот за научно-технолошки развој и високо образование на Република Српска, Синиша Каран. Треба да се договориме околу тоа — додаде Додик.

За потсетување, на седницата на Главниот одбор на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), која се одржа во понеделникот, беше донесена одлука оваа партија сепак да излезе на вонредните избори за претседател на Република Српска.

— СНСД мора да излезе на вонредните избори за претседател на РС за да се спречи обид за девалвација и дестабилизација на РС — изјави Милорад Додик.

Во новата неуставна влада на Република Српска на Саво Миниќ, која беше изгласана на почетокот на септември на посебна седница на Народното собрание на Република Српска (НСРС), Синиша Каран беше поставен за министер за научно-технолошки развој и високо образование на Република Српска, откако повеќе години беше прв човек на Министерството за внатрешни работи на РС.

До изборот на премиер и нова ентитетска влада дојде откако парламентот на РС ја прифати оставката на премиерот Радован Вишковиќ, објави тогаш „Радио Слободна Европа“ (РСЕ).

Саво Миниќ беше предложен од Милорад Додик, иако за тоа немаше уставни овластувања, бидејќи Централната изборна комисија (ЦИК) на БиХ му го одзеде мандатот. Според Уставот на овој ентитет, мандатарот треба да го предложи претседателот на РС.

ЦИК му го одзеде мандатот на Додик откако Судот на БиХ, на почетокот на август донесе правосилна пресуда со која тој беше осуден на една година затвор (казната ја плати со парична уплата) и шестгодишна забрана за вршење јавни функции.

Потоа ЦИК на БиХ распишаа вонредни избори за претседател на РС за 23 ноември.

Каран, кој со години е дел од најтесниот круг околу Додик и еден од функционерите на кои СНСД, лани им наложи да формираат работна група со задача да подготват план за сецесија на РС од Босна и Херцеговина, објави РСЕ.

Каран е на „црната листа“ на САД

Ова, меѓу другото, беше наведено и во образложението на Канцеларијата за контрола на странски имот (ОФАК) на Министерството за финансии на САД, која на 17 јануари го стави Каран на „црната листа“ како дел од сецесионистичката група што го изработи планот за сецесија за Додик.

Во соопштението на ОФАК дополнително беше наведено дека Каран и генералниот секретар на Владата на РС, Далибор Паниќ, се санкционирани поради учество во организацијата на прославата на неуставниот Ден на РС.

Оваа година, наместо Додик — кој не учествуваше во прославата на неуставниот празник на 9 јануари бидејќи беше на домашно опоравување по операција на хранопроводот — зборуваше Каран, кој изјави дека во „РС ја слават својата државност“.

Кој е Синиша Каран?

Каран, некогашстудент по политикологија во Сараево, а подоцна доктор на правни науки во Бања Лука, е главниот оперативец на Додик за прашања од внатрешната политика и уставно-правната сфера.

Тој беше претседател на комисијата за спроведување на референдумот за 9 јануари како Ден на Републиката. Нелегалниот референдум беше одржан на 25 септември 2016 година. Уставниот суд на БиХ двапати го прогласи Денот на РС за неуставен.

И покрај фактот што беше на чело на комисијата и што Обвинителството на БиХ поднесе обвинение против него и уште неколку лица, постапката пропадна. Каран беше ослободен, што, според некои медиуми му даде ветер во грб да продолжи со реализирање на планот за сецесија.

Биографијата на Каран покажува дека со децении е професионално поврзан со полицијата и со разузнавачките структури. Работел во Купрес, Сараево и во Бања Лука.

Од 1985 до 2008 година бил вработен во органите за внатрешни работи, каде што извршувал задачи како командир на полициска станица во Купрес, секретар на СУП Купрес, началник на Одделението за криминалитет при СЈБ Центар Сараево, началник на Управата за сузбивање криминалитет во МВР на Република Српска, началник на кривични истраги во СИПА и началник на Финансиско-разузнавачко одделение во СИПА.

Од 2008 година работел во Службата на претседателот на Република Српска како советник, а од 2009 до 2019 година ја извршувал функцијата генерален секретар на претседателот. Од јануари 2019 година ги извршувал работите на генерален секретар на Владата на РС, а во декември 2022 година бил избран за министер за внатрешни работи на Република Српска.

Каран е поврзан со геноцидот во Сребреница

Во неговата биографија се спомнуваат и контроверзии и обвинувања, особено за време на војната околу неговата улога во безбедносните структури, пишува порталот „Босна.хр“.

„Најголемите сенки врз биографијата на Каран се однесуваат на неговата улога за време на војната во Босна и Херцеговина. Каран се наоѓа на т.н. ‘список од 810 имиња’ што го објави Комисијата за Сребреница, во кој се наведуваат лица поврзани со геноцидот во јули 1995 година. Иако против него никогаш не беше покрената формална постапка, фактот дека неговото име е на списокот предизвикува сомнеж и загриженост,“ наведува порталот.

Според достапните информации, порталот пишува дека Каран во тоа време бил поврзан со полициските структури во областа на Бијељина, каде што биле извршени бројни злосторства врз бошњачкото население.

Каран е еден од најгласните негирачи на геноцидот и противници на резолуцијата на ОН, со која геноцидот во Сребреница е прогласен за неспорен историски факт.

Партијата на Додик денeска одлучува дали ќе учествува на предвремените претседателски избори во Република Српска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот