
Додека спиете, овие суштества „прават забава“ на вашето лице: Дали и колку се опасни?
Кога заспивате секоја вечер, можете да се утешите во фактот дека никогаш не сте целосно сами – благодарение на десетици осумножни грини кои излегуваат од вашите пори за да направат журка.
Препорачано
Не можете ниту да ги видите ниту да ги почувствувате, но овие ноќни ползечки животни, познати како демодекс грини, се присутни на телото на речиси секој возрасен човек. Помали од точка на хартија, овие ситни безрбетници, кои се со големина од 0,15 до 0,4 милиметри, живеат околу надворешните делови на фоликулите на косата и се хранат со нивната мрсна содржина.
„Додека спиеме, тие излегуваат надвор и се многу среќни, се парат, ги посетуваат роднините, шетаат околу нашите лица. Штом се разбудиме, тие се враќаат во порите“, рекла Алехандра Пероти, вонредна професорка по биологија на безрбетници на Универзитетот во Рединг во Англија, пишува „Си-ен-ен“.
Колку се опасни грините демодекс?
Во замена за чистење на нечистотијата од нашите пори, им нудиме на овие минијатурни „правосмукалки“ мелатонин, хормон што нашата кожа го произведува и кој нè успива, а грините го користат како подвижна енергија, рекла Пероти. И токму како микроскопските вампири, грините еволуирале за да ги избегнат ултравиолетовите зраци на сонцето, кои лесно ја уништуваат нивната ДНК.
На лицето обично се наоѓаат до пет грини на квадратен сантиметар – иако без микроскоп не можете да ги видите со голо око.
Ако вашиот имунитет е ослабен, популацијата на грини може прекумерно да се размножи, што може да доведе до разни проблеми со кожата и очите.
Грините демодекс можат да се намножат преку ноќ, предизвикувајќи прекумерен раст познат како демодикоза, рекол д-р Ричард Локсли, професор по медицина на Универзитетот Калифорнија, Сан Франциско.
Имунодефицитарните лица, како што се постарите луѓе или оние што примаат хемотерапија, се поподложни на демодикоза и може да имаат воспалителен одговор на грините и бактериите што можат да ги колонизираат, рекол Локсли.
Не е целосно познато зошто некои луѓе развиваат воспаление од грини, додал Локсли.
„Но, она што го знаеме е дека дивите животни немаат никакви проблеми со грините, додека домашните кучиња и мачки имаат. Можеби, кога сме преминале во поинаква средина и кога сме еволуирале, сме развиле генетски мутации кои ги загрозуваат нашите имунолошки патишта.“
Воспалението може да се манифестира како розацеа, акни, сувост и лупење, особено на образите, очните капаци, челото и наборите каде што се собира маснотијата, рече д-р Роберто Рикардо-Гонзалес, вонреден професор по дерматологија на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско, кој работел со Локсли на истражувањето за грините.
За да утврдат дали грините демодекс предизвикуваат иритација на кожата, дерматолозите можат нежно да го истружат горниот слој на кожата и примерокот да го стават под микроскоп, рекол Рикардо-Гонзалес.
Во текот на рутински преглед на очите, лекарот може да провери за восочен слој од јајца и отпади од грини околу коренот на трепките, рекол д-р Кори Лапин, оптометрист во Охајо. Кај пациенти со инфекции на очните капаци, ова наталожување често предизвикува сувост, чешање и губење на трепките.

Превенција и третман
За повеќето здрави возрасни луѓе, нема потреба за паника поради демодекс грините.
„Повеќето луѓе воошто не сфаќаат дека ги имаат, и така треба да биде. Можете да направите повеќе штета отколку корист обидувајќи се да го пронајдете проблемот. Ако имате проблеми, разговарајте со лекар“, рекол Локсли.
И Лапин и Рикардо-Гонзалес препорачуваат редовно одржување на хигиената пред спиење, вклучувајќи нежно средство за чистење за отстранување на нечистотијата и вишокот масло од лицето.
Отстранете ја шминката за очи и вештачките трепки пред спиење за да избегнете иритација на нежната кожа околу очите, рече Лапин.
Луѓето склони кон акни можат да користат локален ретиноид еднаш или двапати неделно, рекол Рикардо-Гонзалес, нпоменувајќи дека умереноста е клучна во рутината за нега на кожата.
„Видов кај пациенти дека, кога бариерата на влагата во кожата е оштетена, односно кога кожата е премногу сува или произведува вишок маснотии поради воспаление или прекумерно миење, грините можат прекумерно да се размножат“, рекол Рикардо-Гонзалез.
Редовниот, соодветен сон е исто така важен за да се спречи кожата да произведува премногу себум, масна супстанција која делува како храна за грините, покажале истражувањата.
За лекување на демодекоза, дерматологот може да препише локален или орален ивермектин за да помогне во враќањето на популацијата на грините во нормала, рекол Рикардо-Гонзалез. Меѓутоа, не е можно целосно да се искоренат.
Американската агенција за храна и лекови одобри капки за очи во 2023 година за лекување на воспаление на очните капаци поврзано со грините демодекс, рекол Лапин.