
До крајот на годинава ќе појде Градскиот воз до Зелениково, најавува Николоски
Првата линија на „Градскиот воз“ од Зелениково, преку Драчево, Аеродром и Кисела Вода, па сè до железничка станица Скопје, очекувам да биде во функција до крај на годината. Се работи за голема инвестиција од педесетина милиони евра вкупно за трите градски линии. Но, имаме сериозна агенда и брзо ќе ја реализираме“, најави вечерва вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервју за „Сител“.
Препорачано
„Она што го зборувавме за проектот „Градски воз” е во реализација, заврши физибилити студијата. За да се реализира целиот прстен како што е замислен со три полукругови, потребни се нeкаде околу педесет милиони евра. Дел од тие средства се обезбедени во буџетот за оваа година и ЈП Железници-Инфраструктура во многу скоро време, за месец дена, ќе објави тендер за изградба и рехабилитација на најголемиот дел од инфаструктурата којашто ќе се користи. Тоа ќе биде линијата од Зелениково, преку населбата Драчево, ја поставува границата кон населбите Аеродром и Кисела Вода и завршува на новата железничка станица. Очекуваме до крај на годината да е готова, многу брза агенда имаме и прва делница Зелениково-Драчево-Аеродром-Кисела Вода-железничка Скопје да имаме пред Нова година. Паралелно ќе ги работиме и другите два прстени”, рече Николоски.
Паралелно на ова, се работи и на постапката за набавка на 120 нови еколошки автобуси, додаде тој.
-Потоа ќе направиме синергија со ЈСП. На барање на Град Скопје и останатите општини, во финална фаза сме на подготовка на тендер за набавка на 120 еколошки автобуси, од кои 80 за Градот Скопје. Кога ќе ги споите градскиот воз и новите модерни автобуси, јавниот превоз во Скопје ќе биде на повисоко ниво отколку што е сега и очекувам резултатите да бидат до крајот на оваа или почетокот на следната година, додаде вицепремиерот.