Подготовки за изложбата „Од Рембрант до Вермер“ / Фото: EPA-EFE/DINGENA MOL

До 26 август: Изложбата „Од Рембрант до Вермер“ по повод 750 години од основањето на Амстердам

Во чест на 750-годишнината од основањето на Амстердам, посетителите ќе имаат можност да ја видат ретка колекција од 75 уметнички дела на познати холандски мајстори од 17. век, кои се во приватна сопственост. Меѓу нив се и 18 дела на славниот Рембрант.

Изложбата, насловена „Од Рембрант до Вермер – ремек-дела од колекцијата Лејден“, ќе биде отворена во среда во музејот „H’ART“ во центарот на Амстердам. Музејот ја претставува оваа поставка како интимен и уникатен приказ на Холандија од златниот век на уметноста, гледан низ делата на нејзините најголеми уметници.

Покрај познатите имиња, изложбата ќе ги претстави и делата на уметници кои се помалку познати во јавноста, како Франс Халс, Јан Стен, Фердинанд Бол, Герард Дау и Франс ван Миерис.

Фото: EPA-EFE/ROBIN VAN LONKHUIJSEN

Еден од највпечатливите експонати е единственото платно на Јоханес Вермер што се наоѓа во приватна сопственост – „Млада жена која седи пред виргинал“. Виргиналот е мал, правоаголен музички инструмент со жици распоредени паралелно на клавијатурата, кој бил особено популарен кај девојките во 17. век.

Сликите на изложбата ги доловуваат различните аспекти на секојдневието во тогашниот Амстердам – од гастрономија и читање, до музика, стареење и родителство, како и традицијата на портретирање и автопортретирање. Прикажани се луѓе од различни општествени класи, било на пазар, во кафеани или во домашна атмосфера.

Посебен акцент е ставен на 17 слики и еден цртеж на Рембрант, кој во 1630 година се преселил од својот роден град Лејден во тогашниот уметнички центар Амстердам.

Фото: EPA-EFE/ROBIN VAN LONKHUIJSEN

Колекцијата е сопственост на американско-францускиот милијардер и колекционер Томас Каплан, кој уште од детството бил опседнат со делата на Рембрант. Воден од таа страст, ја оформил збирката Лејден, која сега е достапна за јавноста.

Музејот H’ART нагласува дека изложените слики прикажуваат разновидни женски ликови – од богати матрони и митолошки божици до обични жени. Во поставката е вклучено и дело од Марија Шалкен, една од ретките признати сликарки од тоа време.

Изложбата ќе биде отворена за посетители до 24 август.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот