
ДКСК не дава мислење – Собранието треба да одлучи дали е итно да се избере наследник на Димитровска
Државната комисија за спречување на корупцијата нема да дава мислење дали е итно или не Собранието да избере нов претседател на Антикорупциска откако Татјана Димитровска стана осомничена и поднесе оставка, а Собранието веќе ги распиша изборите, период кога се забранети нови вработувања. Антикорупционерите го повикаа Собранието да си донесе одлука дали ќе ја продолжи постапката.
Препорачано
– ДКСК согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси нема надлежност да дава мислење/согласност по доставените барања за мислење за постапувањето на државните органи во текот на изборниот процес, за што ги информиравме сите државни органи, политичките партии и јавноста – велат од ДКСК за „Слободен печат“.
Според нив, Собранието е единствен орган кој донесува Закони и дава автентично толкување.
– Во врска со распишаниот јавен оглас за избор на Претседател на ДКСК надлежен орган за спроведување на постапката е Собранието на Република Северна Македонија кое треба да донесе одлука дали ќе ја продолжи постапката. Имајќи предвид дека согласно Уставот на Република Северна Македонија, Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, доколку цени дека одредбата од членот 8-а став 1 алинеја 3 од Изборниот законик создава дилеми при примената треба да даде автентично толкување со цел јасно и прецизно да се определи опфатот на споменатата законска одредба заради нејзина доследна примена и обезбедување на правна сигурност за граѓаните – додаваат од ДКСК.
Денеска на Комисијата за прашања на изборите и именувањата треба да се формира Комисија за селекција на кандидатите за претседател на ДКСК.