Димитровска: Владата да им помогне на лицата со попреченост со еднократна финансиска помош

Граѓанското здружение „Инклузива“ со апел до Владата, на лицата со попреченост да им помогне со еднократна помош. Претседателката на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество, Благица Димитровска, за Слободен печат вели дека покрај попреченоста, овие лица имаат и хронични болести кои предизвикуваат послаб имунитет. Според неа, поголемиот дел од нив имаат слаб социјален статус и не можат да си обезбедат поквалитетна храна и лекови за да го надминат ризикот од заболувањето со Ковид 19.

Коронавирусот не ги избира луѓето ниту по боја на кожата, верата или нацијата. Следствено на ова, не избира ниту дали тие се со типичен или нетипичен развој. Со какви се проблеми се соочуваат луѓето со посебни потреби во време на Ковид 19?

– Лицата со попреченост се соочуваат со истите пречки како и сите останати, само што кај нив се поизразени бидејќи имаат и други проблеми. Сега во овој момент има и олеснителни мерки донесени од Владата и со тоа на некој начин се олеснија нивните потреби. Тоа за нив значи плус излегување надвор од дома бидејќи дозволено е лице со попреченост слободно да се движи во работните денови од 19 до 20 и за време на викенди од 11 до 13 часот. Со ваквата мерка на некој начин малку се намалува психичката напнатост. Кај овие лица, кои најчесто се затворени дома, статистиките за секојдневниот пораст на новозаболените лица, многу лошо влијае бидејќи кај нив се јавува вознемиреност и страв од непознатото, но и страв од болеста.

Зошто сметате дека овие лица се една од најзагрозените категории од Ковид 19?

– Тие се најзагрозените лица затоа што имаат слаб имунитет и тој имунитет придонесува вирусите полесно да влијаат врз нивното здравје. Со тоа меѓу овие луѓе стравот од разболување од Ковид 19 е многу повеќе присутен. Јас сепак би упатила и еден апел до нив и нивните семејства. Кога слободно се движат да не стапуваат во контакт со други семејства затоа што на тој начин ризикот за заболување од заразата е поголем. Не би сакала ниту едно лице со попреченост да се соочи со оваа вирусна состојба.

На кој начин предлагате да им се помогне на лицата со попреченост во време на заразата?

– Лицата со попреченост и нивните семејства се едни од најсиромашните граѓани. Имаат низок степен на финансиска поддршка преку социјалната заштита. Станува збор за мали финансиски приходи по основ на додатоци. Големиот дел од нив не работат. Речиси без исклучок, во нивните семејства само еден од родителите е вработен, бидејќи другиот мора да се грижи за својот член со попреченост и е невработен. Па така, во овој период со рестриктивни мерки поради пандемијата со коронавирусот, тие имаат уште повеќе трошоци. Апелираме за поголема финансиска поддршка од социјалниот и од здравствениот за полесно да го надминат периодот. Лековите им се многу потребни затоа што овие лица покрај редовните терапии, имаат и хронично заболување. Во областа на социјалната сфера потребна им е помош за да можат да си набават храна. Така што предлагаме државата да им додели барем еднократна финансиска помош, бидејќи тие не можат да се снајдат поинаку.

Покрај мерката за движење во работните денови и за време на викенд, Владата донесе и други мерки. Кои се тие?

– Освен донесената мерка за движење во определено време, ни беа потребни и мерки за слободно движење со дозвола на лице кое пружа нега, или личен асистент на лице со попреченост. Дел од лицата со попреченост не можат сами да јадат, да одржуваат лична хигиена, потребен им е друг човек за да се грижи за нив особено за лицата кои се сами. Сега преку Министерството за информатичко општество, лице негувател или личен асистент може да извади трајна работна дозвола со која може да дојде до лицето да му помогне и да се врати дома.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот