Дигитализација на судството: И Јустиција ќе работи онлајн?

Архива

Анализите укажуваат дека преку дигитализацијата, судењата на далечина или онлајн судењата за 60 проценти ја зголемуваат ефикасноста и транспарентноста, вели министерот Маричиќ.

Македонија планира до крајот на годинава да го дигитализира судскиот систем и да овозможи онлајн судења, вадење документи од судовите преку интернет, како и други видови услуги од правосудниот систем со помош на современи дигитални алатки. Се очекува со ова да се зголеми ефикасноста на судскиот систем, а ќе биде потребно опремување на судовите со софтвер, хардвер и стручен информатички кадар. Се планира целосно да бидат дигитализирани 187 судници и 34 суда во земјава.

Овој проект се подготвува вкупно 30 месеци и за него биле спроведени пет работилници за одговорност, транспарентност и ефективност со судии, обвинители и адвокати, водени од експерти во областа, и со размена и демонстрации на практични искуства. Во рамките на проектот беше изработен заеднички протокол за унифицирано спроведување и работење на судската служба, како и проектната публикација. Во процесот на дигитализација на судството земјава има директна финансиска и стручна помош од ОБСЕ, Европската Унија, САД и од норвешката влада.

Онлајн судењата се новата реалност во поголем дел од развиени правосудни системи, каде што кај постапките во кои една странка, без оглед дали е тоа сведок, вештак или обвинет, може физички да не е присутна во судницата, судењето сепак може да се одржи. Ова е многу поволно од аспект на ажурноста и ефикасноста на судовите.

– Анализите укажуваат дека преку дигитализацијата, судењата на далечина или онлајн судењата за 60 проценти ја зголемуваат ефикасноста и транспарентноста, а дополнително, на овој начин се намалуваат и трошоците – рече министерот за правда Бојан Маричиќ, на конференцијата посветена на ефикасност на работата на судиите и судската администрација.

Натали Петровска, адвокат и прв човек на Коалицијата „Сите за правично судење“, вели дека е за поздравување е заложбата за спроведување на стратегијата за дигитализација на судството и судски услуги.

– Со ваквото осовременување би се поедноставил начинот на кој, на пример, граѓаните би се здобиле со документи и уверенија што ги издава судот, а притоа од финансиски аспект ова би претпоставило и значително олеснување во остварување на нивните права и пристап до услуги.  Меѓутоа, кога станува збор за онлајн судења, потребен е исклучително внимателен и темелен пристап и претходно спроведени суштински анализи на кои би се темелеле овие промени што се иницираат – вели Петровска.

Претседателот на Здружението на судска администрација Сашо Темелкоски вели дека ефикасноста на судовите е од големо значење за зголемување на довербата кај граѓаните во судството.

– Опсегот на работни задачи на судската служба почнува од приемот, водењето и архивирањето на судските списи и предмети. Тоа не завршува тука и се однесува и на самото спроведување на судењата и одржување на судската зграда. Ефикасноста при извршувањето на работните задачи од судската служба, ќе придонесат и за зголемување на целокупната доверба во судовите – вели Темелкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот