Џафери уценет: Или онлајн Собрание или координации без опозиција

Та
Талат Џафери/ Фото: МИА

Собранискиот спикер Талат Џафери меѓу два огна, да го повлече онлајн деловникот со кој се предвидува пратениците со позитивен тест за Ковид-19 и со решение за изолација да можат да се изјаснуваат на пленарни седници и на седници на собраниските комисии, или, пак, понеделничките координации да останат без опозициските партии.

ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата Алијанса и Алтернатива и Левица и денеска го бојкотираше спикерот. Најавуваат дека ќе го замрзнат учеството се додека тој не ги повлече новите предлог измени.

Пратеникот од Алијанста Скендер Реџепи, за Слободен печат вели дека за да се вратат на координациите, услов е Џафери да го повлече деловникот.

– Само ако ги повлече предлог измените на деловникот ќе се вратиме на координациите. Сите знаат, а тоа го предвидува и процесот „Жан Моне“ дека за секоја негова промена треба да има консензус. Да седнеме и да се договориме. Ние сме за физичко присуство. Онлајн Собрание само за инфицираните или пак изолираните поради Ковид-19 е неправда кон другите пратеници. Што ако некој скришил нога? Нема да може електронски да учествува во работата на Сибранието. Но ние и понатаму остануваме на ставот дека треба доследно да се почитува Уставот, а тој дозволува само физичко присуство, вели Реџепи.

Денеска седницата за Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања беше прекината поради тоа што амандманите кои ги достави опозицијата не беа доставени до пратениците.

На собраниските служби ќе им бидат потребни три до четири дена за да архивираат околу три илјади амандмани, колку што поднесе опозицијата.

Претседателот на комисијата за делолвнички и мандатно имунитетни прашања, Панчо Минов, за Слободен печат вели дека седницата ќе ја презакаже за наредната недела бидејќи многу од амандманите не биле систематизирани и евидентирани во собраниската архива.

-Деловничка обврска е прво амандманите да се обработат па да се достават до пратениците. Вкупно опозицијата поднесе околу 3 000 амандамни. Не можам да кажам дали со толку многу амандмани ќе ги блокира предлог измените на деловникот кои се во насока, пратениците кои се заболени или се во изолација поради коронавирусот, да можат електронски да учествуваат во работата на собранието, но има решение за се. Може да бидат групирани доколу амандманите се слични, вели Минов.

Од опозициската коалиција Алијана и Алтернатива велат дека седницата била прекината по барање на опозициските партии, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива и Левица, кои биле присутни на седницата.

– Немаше материјал за да може Комисијата нормално да функционра. Побаравме претседателот на Комисијата да ја одложи комисиската расправа за предлог измените на Деловникот, се додека материјалите не бидат архивирани и додека не бидат преведени а потоа и доставени до сите пратеници, вели Реџепи.

Опозицијата не прифаќа електронска работа на Собранието бидејќи како што велат тоа било само алиби за тенкото владејачко мнозинство во собранието.

Од друга страна пак власта смета дека со електронско учество на заболените и изолираните пратеници поради коронавирусот Собранието ќе може да работи поефикасно и во време на здравствената криза.

Предлог измените ги достави собрнискиот спикер. Тој неодамна рече дека ваквото решение нема да го промени досегашниот начин на работа, туку само ќе овозможи Собранието да биде целосно функционално.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот