
ДФРМ со „Златна рамка“ им оддава признание на филмските работници
Седмото издание на филмската ревија „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), се одржува од 26 до 28 јуни во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
Препорачано
Филмската ревија „Златна рамка“ е иницирана како дел од стратешката програма за афирмирање на филмската уметност и домашната продукција и ги отсликува вредностите и континуираната мисија на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) – унапредување на професионализмот, поврзување на филмската заедница и отворање нови перспективи за креативниот израз.
– Особено значајно е што годинашното издание на „Златна рамка“ се совпаѓа со јубилејот – 75 години од основањето на ДФРМ – здружение што има витално значење за развојот и заштитата на македонската кинематографија од нејзините почетоци до денес. Од своето основање, ДФРМ претставува глас и поткрепа за сите професионалци во домашната филмска индустрија. „Златна рамка“ ја симболизира основната кинематографска единица, рамката, и на симболичен начин ги обединува творештвото, критиката, традицијата и современоста во македонскиот филм. Со секое ново издание, ревијата ја афирмира својата важност како двигател на културен дијалог што ги надминува жанровските, лингвистичките и културните граници – истакнуваат од ДФРМ.
Како дел од седмото издание на „Златна рамка“ на 26 јуни се одржа пригоден настан во чии рамки беа доделени почесните награди „Златна рамка“. Добитници на почесните награди се Јордан Симонов – истакнат филмски актер; Роберт Јанкулоски – истакнат филмски автор; и Алисија Ферро – истакнат филмски работник. Актерот Јордан Симонов дипломирал на ФДУ при УКИМ на отсекот за актерска игра во класата на проф. Димитрие Османли (1992). Во 2015 година завршил постдипломски студии на истиот факултет, отсек театарска режија кај проф. Слободан Унковски. Од 1997 година работи во Македонски народен театар – Скопје. Директорот на фотографија и фотограф Роберт Јанкулоски дипломирал на ФДУ при УКИМ на катедрата по камера во 1997 година, а магистрирал во 2011 година на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – ЕСРА во Скопје. Основач е на Македонскиот центар за фотографија. Филмскиот работник Алисија Ферро во својата богата кариера од над 30 години како скриптерка и секретар на режија има работено на повеќе од 60 краткометражни и долгометражни играни и документарни филмови, од кои значаен дел се добитници на значајни филмски признанија.
Во знак на јубилејот 75 години постоење на ДФРМ истата вечер постхумно беа доделени и седум плакети за професионалци кои со својата работа оставиле значајна трага врз македонската кинематографија: Јован Бошковски, Кирил Билбиловски, Никола Лазаревски – Никица, Јордан Јаневски, Делчо Михајлов, Ѓорѓи Ѓорѓиевски – Џокер и Милосав Крстевски – Ага.
ДФРМ додели плакети и на три институции како потврда за силната посветеност и соработка во заедничката мисија за унапредување на филмската уметност и јакнење на националната филмска продукција, со цел македонската кинематографија уште поуспешно да се позиционира на светската сцена.
Станува збор за Кинотека на Македонија, за неуморната посветеност во организирање на филмски проекции и поддршка на работата и иницијативите на ДФРМ, кои се основа за зачувување и афирмација на филмската уметност во земјата; Општина Битола, која со својата континуирана поддршка ја негува традицијата и развојот на фестивалот „Браќа Манаки“, додека Битола ја позиционира како значаен културен и филмски центар во регионот и пошироко; и Агенцијата за филм, чија поддршка директно придонесува за развојот на македонската кинематографија, овозможувајќи ја реализацијата на бројни креативни проекти и нови филмски продукции.

Во рамки на тридневната програма на „Златна рамка“ се прикажуваат долгометражни, кратки и документарни филмови од најновата македонска филмска продукција. Програмата беше отворена на 26 јуни со пет кратки филмови на режисерите Елеонора Венинова, Халим Лута, Надежда Панов, Трифун Ситниковски и Васил Христов. Долгометражни филмови на програмата се „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оровчанец во продукција на „Трис Филмс“ на 27 јуни, во 20:30 часот, и „Најтешкото нешто“ во режија на Сердар Акар во продукција на „Сектор филм“ на 28 јуни, во 20 часот.
Документарната програма на ревијата ги содржи филмовите „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов во продукција на „Скопје Филм Студио“ на 27 јуни, во 19 часот, и „Богатство“ во режија на Арсим Фазлија на „Сејви Продукција“ на 28 јуни, во 18 часот. Дополнително, на 28 јуни, како дел од социјалната програма ќе се одржи и специјална проекција на „Најтешкото нешто“ во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ за публиката која не може да го посети киното „Фросина“.