
Детали од крвавата пресметка во Чаир: Татко и син нападнале 14-годишно дете, а детето имало нож
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека повело постапка против 18-годишно момче од градот, кое е осомничено дека вчера со нож, во крвава тепачка во Чаир во која учествувал и неговиот татко, тешко повредил 14-годишно дете.
Препорачано
Ранетото 14-годишно момче е исто така предмет на постапка на Обвинителството, согласно Законот за правда за децата, велат од ОЈО-Скопје.
Тепачката во која и двете страни користеле ножеви избувнала поради банална сообраќајна препирка.
„Од доказите обезбедени во предметот постои основано сомнение дека повод за оружениот инцидент со нож била расправија во сообраќајот, меѓу осомничениот и неговиот татко од една страна и малолетникот од друга страна. Расправијата прераснала во физичка пресметка, во која таткото и синот со клоци и тупаници го нападнале малолетното момче. Во тој момент, детето извадило нож со кој им нанело повеќе убодни рани по телото на осомничениот и неговиот татко. Осомничениот 18-годишник успеал да му го земе ножот на детето и го прободел во градниот кош“, велат од Обвинителството.
„Во пресметката, тројцата се повредени, при што малолетникот и таткото се хоспитализирани со тешки телесни повреди. Полесни се повредите кај сега осомничениот 18-годишник, за кого јавниот обвинител веќе побара да се определат мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавува повремено на определено службено лице во Основниот кривичен суд Скопје, привремено одземање на патна исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти со малолетното дете кое го повредил.
Крвав судир со ножеви во Чаир – тројца се ранети, меѓу нив и 14-годишно момче