Милчо Манчевски со наградата во Палермо / Фотографија: „и-Фест Палермо“

Десеттата интернационална награда за филмот „Кајмак“ режисерот Милчо Манчевски ја доби на фестивал во Палермо

Филмот „Кајмак“ на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски ја заврши 2023 година со нова меѓународна награда – седма по ред за филмот, а вкупно десетта заедно со трите кои ги доби Манчевски во текот на изминатата година.

„Кајмак“ беше прогласен за најдобар филм на фестивалот „и-Фест“ во Палермо, Сицилија, кој заврши на 29 декември. Филмот ја доби Меѓународната награда на Град Палермо, а куриозитет е дека таа е изработена од прославениот сицилијански керамичар Нино Парука, кој одбележува пола век творештво.

Фестивалот му оддаде и почит на режисерот Манчевски, со почесна проекција на неговиот легендарен филм „Пред дождот“, добитник на „Златен лав“ во Венеција и на номинација за Оскар, како и со мастерклас, што режисерот го одржа во Палермо.

– Му се радувам на „Кајмак“ оти се покажа дека е едно жилаво филмче – колку повеќе локалната филмска мафија се обидува да нѐ блокира со незаконски средства и него и мене, ние толку повеќе меѓународни награди собираме – изјавува Манчевски.

Новата 2024 година „Кајмак“ ја стартува наскоро во официјална конкуренција за најдобар филм на фестивалот во Буенос Аирес, Аргентина. „Кајмак“ е еден од најуспешните македонски филмови и со најширок пласман во светот.

Станува збор за македонско – данско – холандско – хрватска копродукција поддржана од „Еуримаж“. Светската премиера ја имаше на фестивал во Токио (А-категорија) во ноември 2022, потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, САД, Холандија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Албанија, итн.

Филмот бил поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми. „Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија во 2022 година.

– Агенцијата за филм сè уште незаконски ги блокира двата проекта на Манчевски, „Кајмак“ и „Збогум, Копакабано!“ (работен наслов „Биста“). Јавна поддршка за Манчевски како укажувач на корупција кој трпи политички прогон изразија Филмскиот фестивал во Венеција, ФИПРЕСЦИ (Меѓународна федерација на филмски критичари), „Транспаренси интернешнл“ и „Whistleblowing International“.

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) на 15 ноември 2023 година побара од Владата да го разреши директорот на Агенцијата за филм Бојан Лазаревски, а од Јавното обвинителство да го гони кривично за незаконско трошење буџетски пари, но двете институции сѐ уште не постапиле по барањето – истакнуваат од „Банана филм“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот