Фото: Приватна архива

Дерматовенеролог Весна Бришкоска-Бошковски: Псоријазата се влошува во зима, што треба да преземете?

Не е невообичаено постудените денови од годината да доведат до сувост, лупење и значително чешање на кожата, па затоа е важно да започнете навреме за да се борите против непријатноста што ја предизвикува псоријазата.

Со оглед на хроничниот тек на болеста, неопходно е уште на почетокот да се едуцира заболениот од псоријаза за сите важни аспекти на болеста, провоцирачките фактори и достапните терапевтски опции.

Доц. д-р Весна Бришкоска Бошковски, спец. дерматовенеролог ЈЗУ ГОБ „8 Септември“ – Скопје, детално го опишува заболувањето, што ја предизвикува псоријазата, како се  третира…

Што е псоријаза?
– Псориjазата е широко распространета, хронично воспалителна, гeнeтски детерминирана дерматоза, која се манифестира кај 2-4 отсто од вкупната светска популација. Клинички се карактеризира со лосос црвени папуло-плаки со сребрено – бели лушпи кои понекогаш ја опфаќаат целата кожа, а кај дел од болните има и засегање на зглобовите.
Болеста се појавува во секоја возраст, подеднакво и кај мажите и жените, а има тенденција да се влоши во зимските месеци и да се подобри во лето.

Што ја предизвикува псоријазата?
– Истражувањата покажуваат дека псоријазата е генетски детерминирана, поради појавата на псоријаза во семејствата на луѓето со овој проблем. Освен наследувањето, потребно е дејство на т. н. тригер, провокативни надворешни фактори, а најчесто инкриминирани се:
– Инфективните болести. Често се причина за развој на псоријатичните симптоми. Вирусите се најчести предизвикувачи, а бактериите, особено стрептококата, се најчестите патогени, предизвикувачи на гутатната псоријаза која е акутна форма на болеста. Инфекциите воопшто докажано ја зголемуваат веројатноста за појава на потешки форми на псоријаза, ако лицето веќе има псоријаза.
– Стрес. Психолошкиот стрес може да ја влоши состојбата, а во некои случаи може да е доволна причина за активирање на истата.
– Лекови. Одредени лекови, особено литиумот, кардиолошката терапија, особено групата на бета-блокатори, тетрациклини, системски кортикостероиди, антималариците, имаат негативен ефект на псоријазата.
– Повреди на кожата. Од физички агенси, траума, изгореници од сонце, убоди и друго.

Патогенетски кај псоријазата се забележува забрзана пролиферација на епидермалните клетки од површниот слој на кожата, на начин што циклусот на нивниот развој, е до седум дена, додека кај нормалниот епидермис е 28 дена. Поради зголемена пролиферативна активност на епидермисот при псоријазата, епидермалните клетки не ја достигнуваат целосната зрелост, што води до патолошка кератинизација и зголемен епидермален волумен.

Како клинички се манифестира псоријазата?
– Типична псоријатична лезија е мала црвена папула која е покриена со сребрено-бела лушпа, која е јасно ограничена од околната нормална кожа. Овие папули се со тенденција за ширење и формирање на поголеми плаки кои се со симетрична дистрибуција, најчесто локализирани на лактите, колената, скалпот, сакралната регија, ноктите. Текот на болеста може да биде акутен, но најчесто е со примарно хроничен тек.

Кое се најчести типови на псоријаза?
– Хронична плакарна псоријаза – тоа е најчестата форма на псоријаза и се појавува кај 80 отсто од случаите. Клинички доминираат типични псоријатични плаки, локализирани на предилекциски места.
Гутатна псоријаза – лезиите се во форма на капки, односно црвени точки кои се појавуваат на трупот и екстремитетите. Обично не се толку издигнати како псоријатичните лезии. Типични се за детска возраст и се акутна форма на болеста, обично по горно респираторна стрептококна инфекција.
Инверзна псоријаза – се појавува во вид на светло-црвени лезии кои се мазни и сјајни, обично локализрани во превоите на кожата и чувствителните области како што се пазувите, препоните или под градите или глутеалната регија. Овие области може да се иритираат од триење и/или потење.
Псоријаза на скалп – беличасти дебели псоријатични плаки на косматиот дел на главата, кои не го засегнуваат кореното на влакното, што значи косата не опаѓа кај псоријаза.
Пустулозна псоријаза – обично се појавува кај возрасни и се карактеризира со бели пустули (гнојаници) на еритемна основа. Локализирана на дланките и стапалата, но можна е и генерализирана варијанта, каде постои опасност од секундарна бактериска инфекција.
Еритродермична псоријаза – е главно воспалителна, тешка форма на псоријаза, која ја зафаќа целата кожа на телото, со нарушена општа состојба.
Псоријазна артропатија – форма на псоријаза каде што покрај кутани промени, асоциран е инфламаторен артритис. Обично настапува 3-5 години по појавата на кожните промени, иако ретко артропатијата може да се појави истовремено со кожните промени.
Псоријаза на нокти – промените на ноктите, се забележуваат кај 1/3 од болните. Кај некои пациенти, можат да бидат првиот и единствен симптом. Најчесто се забележуваат точковидни вдлабнувања на ноктената плоча, задебелување, одлепување на ноктената плоча (онихолиза) и др.

Како се дијагностицира псоријазата?
– Дијагнозата на псоријазата е, пред сѐ, клиничка. Доволно е анамнезата на пациентот, изгледот на лезиите, како и клиничкиот преглед во кои типично се позитивни, неколку феномени на методично гребење на една псоријатична лезија. Може да се земе материјал за биопсија и хистопатолошка анализа за хистолошка потврда на болеста.

Кои се тераписките модалитети на псоријазата?
– Тоа зависи од екстензивноста на промените, но сепак, псоријазата најчесто се третира само со локална терапија. Кај потешките, генерализирани форми на болеста се ординира системска и фототерапија. Локален третман на псоријаза се состои главно од емолиенти, кератолитички агенси, кортикостероиди, аналози на витаминот Д3. Емолиентите се користат да го омекнат површинскиот слој на кожата, и се најмногу користени производи во дерматологијата.

Кератолитичките агенси се најчесто користени и најефикасни во отстранувањето на лушпите или псоријатичните наслаги бидејќи го разградуваат кератотичниот материјал. Салицилната киселина е најефикасна меѓу кератолитиците – и најсоодветна за екстремно дебели или лушпести псоријатични наслаги во концентрација од 3-20 отсто. Други форми на кератолитици се препарати на уреа, млечна киселина – а може да се користат чисти или во комбинација со салицилна киселина.

Топичните кортикостероиди имаат антивоспалителни својства и ја намалуваат стапката на хиперпролиферацијата на клетките, но се користат во краток временски период бидеји се асоцирани со многу кутани несакани ефекти. Овие препарати се даваат чисти, или во комбинација со салицилна киселина, аналози на витамин Д3 и друго.

Аналозите на витамин Д (Calcipotriol), се користат во третманот на хронична плакарна псоријаза. Се користи како монотерапија, но често и во комбинација со кортико-препарати и фототерапија.

Локалната терапија е од исклучително значење за третман на псоријаза. Тие ја поддржуваат ефикасноста на кој било тип на системска терапија со лекови.

При генерализирана, тешка форма и форми резистентни на локална терапија кај пациентите даваме и системска терапија.

Најчесто ретиноиди – деривати на витамин А.
При потешките случаи се даваат и цитостатици. (Метотрексат, Циклоспирин А)
Последните години биолошката терапија се покажа како супериорна за третман на умерена до тешка форма на псоријаза, ефикасна но и многу скапа.
Фототерапија (терапија со УВ зрачење).

Дали постојат превентивни мерки?
– За да се избегнат тешки рецидиви се препорачува изложување на сончева светлина. Кај пациентите се препорачува сончање и капење на море (таласо-терапија). Се препорачува придржување на соодветен хигиено-диететски режим –консумирање заленчук, храна богата со омега – 3 масни киселини, намирници со голема колиничина на витамин А. Се советува да не се јаде мрсна, зачинета храна, да се избегнуваат јаглехидрати и храна со конзерванси.

Дали пациентите со псоријаза имаат поголем ризик за ковид-19?
Да се има псоријаза, не го става пациентот во група со висок ризик за ковид-19. Пациентите што имаат псоријаза, а земаат имуносупресивна терапија, треба да ја продолжат и во овој период на пандемија на коронавирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот