
Дерматолог открива: Дали масната храна навистина предизвикува акни?
Оние што се склони на акни често имаат помасна кожа, што наведува на верување дека масната храна како пица или хамбургери предизвикува акни, пишува „Гардијан“.
Препорачано
„Луѓето мислат дека консумирањето масна храна ја зголемува маснотијата на кожата, што доведува до акни. Но тоа е погрешно сфаќање. Маснотијата на вашата кожа – себумот од порите – главно е под влијание на хормони и генетика“, вели д-р Розалинд Симпсон, дерматолог на Универзитетот во Нотингем.
Примарната причина за акни е зголемувањето на андрогените, машките полови хормони, што се јавува кај момчиња и девојки во пубертет. Тоа предизвикува зголемено производство на себум, кој во комбинација со мртви клетки може да ги блокира порите.
Масната средина им овозможува на бактериите (propionibacterium acnes), кои природно се присутни на кожата, да напредуваат и да се размножуваат, што води до воспаление. Други хормонални промени, како синдром на полицистични јајници или контрацепција со прогестерон, исто така можат да бидат причина.
Факторите од животната средина исто така имаат улога, нагласува Симпсон. Иако тоа не вклучува директно консумирање масна храна, може да се поврзе со нивото на стрес и со поширокиот начин на исхрана.
Акните станаа почести во последниот век. Некои сметаат дека тоа може да е поврзано со зголемената консумација на храна со висок гликемиски индекс, едноставни јаглехидрати и слатки, иако Симпсон подвлекува дека нема едноставни врски.
„Постојат нови докази дека рафинираните шеќери можат да придонесат за појава на акни, а се испитува и поврзаноста меѓу здравјето на цревата и здравјето на кожата“, вели тој.
Доколку нежните средства за чистење и хидратантни креми без сапун не помогнале, најдобро е што порано да се консултирате со лекар.
„Луѓето се обидуваат да ја променат исхраната за да лечат акни, но рестриктивните диети можат да бидат штетни, особено за тинејџери, освен ако не се спроведуваат под лекарски надзор“, додава Симпсон.
Затоа, не брзајте да се откажете од пицата – акните многу почесто се резултат на хормони и генетика, отколку на тоа што го јадете.