Денеска се отвораат пристигнатите пријави на повикот за градски приватни превозници, следи нивна евалуација и избор

Фото: „Слобода превоз“

Во Град Скопје денеска се отвораат пријавите кои пристигнаа на јавниот повик на кои се бараа превозници на 16 линии, поделени во три пакет – линии. Потоа, следува евалуација на пристигнатите понуди, од кои ќе треба да се изберат оние кои ги исполнуваат условите и критериумите од конкурсот, кој заврши на 21 март, по што конечно се очекува колку-толку да се нормализира јавниот превоз во Скопје

Комисијата на затворен состанок детално ќе ги разгледува пријавите и документацијата кои ги исполнуваат условите за учество на огласот и врз основа на вреднување на утврдените критериуми ќе изготви ранг листа за секој пакет линии.

 За својата работа Комисијата изготвува Извештај, со предлог за давање на дозвола за линиите од пакетите кој веднаш го доставува до Градоначалникот. Градоначалникот донесува решение за секоја линија од доделениот пакет. Против решението со кое се одбива, незадоволните подносители на пријава имаат право на жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до министерот за транспорт и врски. Градот Скопје и избраниот подносител на пријава склучуваат договор во рок од 8 (осум) дена од денот на приемот на известувањето за конечноста на решението. Ако избраниот подносител на пријава не се јави во рокот наведен во поканата за склучување, односно потпишување на договорот, Градот Скопје ќе определи нов термин кој не може да биде подолг од 5 (пет) дена од денот на приемот на известувањето за новиот термин – се објаснува постапката што следи по отворањето на понудите.

Со јавниот оглас Град Скопје бараше превозници за три пакет линии. Во првиот пакет се опфатени линиите со број 23, 45, 61, 63 и 73, за чие опслужување се потребни најмалку 35 автобуси и 76 возачи. Вториот пакет се однесува на превоз на линиите 9, 11, 11А, 12, 47А и 55. За автобусите да можат редовно да сообраќаат на овие релации, потребни се 39 автобуси и 83 возачи. И третиот пакет ги опфаќа линиите 19, 20, 22, 52 и 54, за што се бараат вкупно 41 автобус и 87 возачи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот