
Денеска се навршуваат 89 години од раѓањето на великанот на свремената македонска музика, маестро Александар Џамбазов
На денешен ден во 1936 година е роден македонскиот диригент, композитор и великан на современата македонска музика – маестро Александар Џамбазов. Тој е категоризиран во четвртата генерација македонски повоени композитори.
Препорачано
Музичка академија завршил во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и ревискиот оркестар. Има остварено безброј снимки и концерти во живо. Настапувал во земјава и во странство.
Неговиот творечки опус е многу богат. Автор е на голем број детски песни. Иницијатор и долгогодишен диригент бил на фестивалот за деца, „Златно славејче“ во Скопје. Пишувал сценска музика и филмска музика („Мементо“, за драмите „Мајка“, „Двајца на нишалка“ итн.) и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ за пијано и оркестар (1966), „Седум танцови варијации“ за пијано и оркестар (1977) и др. Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.
Добитник е на повеќе од 40 награди и признанија во Македонија и Југославија, меѓу кои и државната награда „11 Октомври“ и Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје.
Тој беше во брак со познатата македонска актерка Анче Џамбазова, со која ги добија синот Игор Џамбазов и ќерката Тања Џамбазова.
Во негова чест, Игор го испеа шлагерот „Сакам да сум јас детелинка“, кој Мони Ковачиќ го изведе на Скопскиот фестивал во 1978 година. Музиката и аранжманот се дело на маестро Џамбазов, а текстот го напиша Ѓоко Георгиев.
Почина на 25 јануари 2022 во Скопје.
По повод роденденот се огласи и неговиот син Игор кој на социјалните мрежи на посебен начин му го честиташе роденденот.
„Стариот мој. Денес ќе наполнеше 89. Колку дедо Петре. А малку повеќе од другарот Тито. Одмарај стари …“.
View this post on Instagram