Чарли Чаплин / Фото: Profimedia

Денеска е роден Чарли Чаплин: Животната приказна на незаборавната ѕвезда на немиот филм

Премногу широки панталони, премал капут, уште помала капа и огромни чевли. И секако, славниот брк. Го нарекуваа Скитник, а вистинското му име беше Чарли Чаплин, човекот кој ги поби сите непишани правила на комедијата: од начинот на кој се облекуваше, до начинот на кој страдањето го претвораше во најголемиот хумор, пишува „Жена“.

Низ годините се појавија многу сјајни актери, но неговото наследство е она што се пренесува низ генерации. Скитникот е лик кој живее вечно – го гледаме на улици, на детски родендени, на сцена, во филмови. Тоа само зборува за големината на човекот од чие раѓање помина 136 години.

Тој не беше обичен комичар, тој беше првиот комичар. Не беше само уште едно име во историјата на глумата, тој беше историјата на глумата. А иако неговите филмови и признанија се добро познати, неговите борби не се. Затоа ја пренесва оваа, досега непозната, приказна за еден и единствен – Чарли Чаплин.

Фото: THA / Alamy / Profimedia

Роден е на 16 април 1889 година во Лондон, како Чарлс Спенсер Чаплин. Родителите му се развеле кога имал само три години. Таткото бил речиси отсутен од неговиот живот, имал подобар однос со алкохолот отколку со синот, па набргу ги напуштил. Мајка му била театарска изведувачка и стендап комичарка. Често организирала мали претстави само за да го насмее својот син. Пари немале, но смеата во семејството Чаплин не недостигала.

Чарли отсекогаш се огледувал на мајка си. Таа му била инспирација. Таа била причината зошто станал комичар. Сè започнало поради неа: еден ден, поради ларингит, ѝ пукнал гласот додека била на сцена. Чарли, тогаш петгодишно момче, седел во првиот ред. Кога таа морала итно да ја напушти сцената, тој застанал и го завршил нејзиниот настап. Импровизираниот настап на мало дете ја кренал публиката на нозе, а мајка му ја направил најгорда на светот.

Но, сиромаштијата не се повлекувала. Еден ден, на  мајка му ѝ се слошило. Сè почесто го губела гласот, а тешката финансиска состојба довела до нервен слом. Чарли имал само седум години кога тој и неговиот полубрат Сидни биле испратени во интернат за сираци. Подоцна, семејството било преместено во работнички дом, место за најсиромашните, каде што се нудел престој и работа. Но, тоа било депресивно, тажно место. Семејството Чаплин ретко повторно било на едно место.

Фото: akg-images / akg-images / Profimedia

Кога Чарли и Сидни еднаш се вратиле од интернатот, мајка им Хана ги дочекала на вратата во стара облека. Обид да се почувствуваат како семејство. Тој ден излегле во парк – како семејство. Но, тоа бил нивниот последен ден заедно. Хана повторно морала да ги пријави во работничкиот дом, а децата биле испратени во училиште за сиромашни. Чарли станал сè поосамен.

Психичката состојба на мајка му се влошувала. На крајот завршила во психијатриска болница. Сидни се приклучил на морнарицата, а Чарли останал сам. Спиел на улици, барал храна. Имал само 14 години. Без пари, без дом, без иднина. Образованието било недостижно. Кратко повторно ја видел мајка му, но болеста напредувала. Еднаш изјавил: „Не можевме ништо друго освен да ја прифатиме судбината на нашата бедна мајка“.

Чарли го поминал целото детство во криза. Видел страдања што повеќето не би ги издржале. Никогаш не бил дете. Светот му го одзел тоа. Но, токму тие искуства го обликувале, го зајакнале, и го направиле еден од најголемите комичари на сите времиња. Иако бил нем актер, веројатно кажал повеќе без зборови отколку што другите можеле со цели реченици.

Фото: no, Credit line: THA / Alamy / Profimedia

Работел како продавач на цвеќе, стаклар, портир, носач на дрва… Истовремено учел да танцува, да жонглира, правел акробации. И тогаш го запознал Фред Карно, кој го вклучил 17-годишниот Чарли во својата трупа. Во 1910 година со нив заминал за Њујорк. Во 1913, филмскиот продуцент Марк Сенет го забележал неговиот талент и му понудил договор. Чаплин, заедно со братот Сидни, се преселил во Холивуд, каде што цимер им бил никој друг туку Стен Лорел, подоцнежниот Станлио од дуетот Станлио и Олио.

Веќе првата година, Чарли снимил 35 кратки неми филмови и го создаде Скитникот, ликот по кој и денес е најпознат. Наскоро почнал сам да режира и монтира свои филмови, освојувајќи ги и критиката и публиката.

Иако никој не знаел, неговата лична болка станала глобален извор на смеа. Но неговата смеа никогаш не повредила никого.

„Во животот сум имал многу проблеми, но моите усни никогаш не знаеле за нив“, рекол еднаш.

Сè што сакал било подобар свет. Зборувал преку филмови како: „Малиот,“ „Циркус,“ „Светлата на големиот град,“ „Модерни времиња“ и „Златната треска“. Дури и по доаѓањето на звучниот филм, неговите остварувања останале обожавани. Првиот звучен филм, и можеби најпознатиот, бил „Големиот диктатор“ (1940). Потоа следувале „Светлата на сцената“, „Кралот во Њујорк“ и последниот – „Грофицата од Хонг Конг“.

Фото: Courtesy Everett Collection / Everett / Profimedia

Дури и на врвот на славата, одбивал да земе американско државјанство – најмногу поради политички обвинувања дека е комунист. Во 1952, кога американскиот министер за правда му ја ускратил визата за враќање, Чаплин се заколнал дека никогаш повеќе нема да се врати во Америка. Се преселил во Швајцарија, каде останал до крајот на животот. Сепак, во 1972 година, уште еднаш се врати за да прими почесен Оскар.

Кога на Божиќ 1977 година почина во сон, францускиот режисер Рене Клер му оддаде совршена почест: „Тој беше споменик на филмот – од сите земји и сите времиња. Најубавиот подарок што ни го даде кинематографијата.“

Сепак, несреќата, особено љубовната, го следела речиси целиот живот. Имаше три неуспешни брака, но четвртиот, со актерката Уна О’Нил, траеше 34 години, до неговата смрт. Со неа имаше осум деца, а вкупно – единаесет.

Чарли Чаплин со втората сопруга Лита Греј и синот Чарлс помладиот / Фото: akg-images / akg-images / Profimedia

Колку и да претрпел, Чарли го насмеа светот. И тоа е најголемата човечка вредност – да бидеш несебичен, храбар, славен на свој начин. Скитникот не беше само лик, тој беше симбол на обидот да се направи светот подобро место.

Ја завршуваме оваа приказна со неговите славни и вистинити зборови: „Ден без смеа е изгубен ден“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот