Плакатот (десно) е дело на Гордана Вренцоска

Делото на Крсте П. Мисирков како интелектуален репер за македонските и европските писатели

Фестивалот на европската литература „Букстар“ (BookStar) и во 2025 година ја продолжува традицијата да понуди концепт што ќе предизвика размислување, ќе отвори дијалог, ќе поттикне реосмислување на вредностите и креативно ќе се надоврзе на поширокиот книжевно-културен контекст.

Единаесеттото издание на Фестивалот ќе се одржи од 29 септември до 2 октомври во Културно-информативниот центар во Скопје. Слоганот „За писателцките работи“ (On Writing Matters) доаѓа од делото на Крсте П. Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт, кој се обележува во 2026 година, а надоврзувајќи се на 150-годишнината од неговото раѓање (2024) и на 120-годишнината од објавувањето на „За македонските работи“ (2023).

Не е случајно што на почетокот од новиот милениум Мисирков во македонските медиуми беше прогласен за најзначајната јавна личност на XX век, додека „За македонските работи“ се смета за една од најважните книги кога било напишани и објавени на македонски јазик. Поради сето ова, „Букстар“ во фокусот на својот интерес годинава ја става токму домашната литература и предизвиците со кои таа се соочува.

– „За писателцките работи“ е непосредно инспириран од најпознатото делo на Мисирков, а индиректно од неговите ставови и начинот како ги претставува и елаборира. Тој, не само што поставува основи на македонскиот јазик и современата македонска книжевност, како и на културната и националната самосвест, туку и прикажа интелектуален и пишувачки маштаб каков што ретко сме виделе во нашата средина. Недоволно сме свесни колку тој со своето пишување и принципи влегол во судир со доминантните модели на политичко и културно дејствување, и на државите од регионот и од целиот континент, туку и во самосвесно и отворено говорење за теми кои не биле (а дел и сè уште не се) лесно прифатливи за неговите сонародници. Повикувајќи на темелно преосмислување на наследените вредности и заговарајќи пресврти преку културна преродба, Мисирков е своевиден „репер“ што треба да го следи описот на интелектуалецот без оглед на потеклото: храброст, визионерство, (р)еволуционерство и бескомпромисност. Со малата лексичка и семантичка преобразба на насловот на неговата книга, слоганот го пренесува акцентот од етничките и општествените прашања кон творечките и книжевните процеси, односно „работите“ што се клучни и значајни за уметноста на пишувањето и во Македонија и во Европа – велат од „Букстар“.

Слоганот отвора повеќеслојна интерпретација: Книжевна – писателството како занает, како уметност и како лична мисија; Културна – улогата на авторот во оформувањето и пренесувањето на културните вредности; Општествена – значењето на зборот споделен во јавниот простор, во времиња на општествени и технолошки промени, но и на медиумски шум.

„За писателцките работи“ е повик кон разговор за суштината на пишувањето, за одговорноста и слободата на авторот, но и за интимната, често невидлива, работа која стои зад секое напишано дело и која понекогаш носи судбински промени за писателот и за средината во која создава. Слоганот е мост меѓу традицијата и современоста, меѓу македонскиот Дон Кихот и денешната европска книжевна сцена како „melting pot“, создавајќи контекст во кој читателите ќе можат да ја доживеат литературата во еден жив, актуелен, моќен и ангажиран чин.

Годинава фестивалскиот плакат е дело на ликовната уметница и графичка и модна дизајнерка Гордана Вренцоска. На плакатот ликот на Мисирков е претставен во нејзина автентична килим-пиксел интерпретација, а според познатата црно-бела фотографија, комбинирано со фамозната страница од книгата каде се споменува култната реченица „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“. Ексклузивната програма на фестивалот ќе донесе настани што ќе треба да одговорат на овој предизвик за македонската и европската книжевност.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 296, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30-31.8.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот