
Дела од колекцијата на солидарноста на МСУ се изложени во Прага
Пред повеќе десетици претставници на чешките медиуми на 21 март во Националната галерија во Прага се одржала конференција за печат по повод отворањето на изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје“ („No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“) со дела од уникатната колекција на Музејот на современата уметност (МСУ) – Скопје.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На средбата со новинарите се обратила директорката на Националната галерија во Прага, Алица Кнаст, потоа Радослав Ишток, кокуратор на изложбата, Сабина Саболовиќ, кураторката на поставката и уметнички директор на „Кунстхале“ – Виена и в.д. директорот на МСУ – Скопје, Тихомир Топузовски.
– Од вкупната уметничка колекција на МСУ, која брои повеќе од 5.300 дела, во Виена беа изложени 94 дела и 50 дела од современи уметници, вклучени во овој проект. Na истиот концепт е заснована и оваа изложба во чешката Национална галерија и додадени се уште 54 дела од колекцијата на нашиот музеј. Донациите од светски познатите уметници сѐ уште пристигнуваат во МСУ – Скопје и секое изложување на делата вклучува и нов сет интерпретации и значења, креира нови релации и синергии со делата на современите уметници. Насловот „Ниедно чувство не е конечно“ подразбира дека хоризонтот на значења на колекцијата никогаш не е затворен, и секоја нова изложба која е заснована на колекцијата нѐ потсетува на солидарноста, како нужен етички принцип на делување денес – истакнал Топузовски.
Првично замислена и прикажана во „Кунстхале“ – Виена минатата година, изложбата во изменета верзија е проширена со дела од колекцијата на МСУ од чехословачки уметници и од самата НГП, која му донирала на МСУ дванаесет дела од класичниот модернизам.
Кураторот Радослав Ишток од Националната галерија во Прага истакнал: „Колекцијата на МСУ – Скопје е толку безвремена и актуелна, фокусирана на темата за солидарноста, за која веруваме дека треба да заживее и денес. Поставката носи нова перспектива за историјата на повоената модерна уметност и ќе бидат изложени дела од значајни западни уметници кои вообичаено не можеме да ги видиме во Чешка, како Дејвид Хокни и Никиде Сен Фал, а во исто време публиката ќе има прилика да погледне дела од „незападните“ уметници, како Марија Бономи и Вилфредо Лам. Паралелно, изложбата е проширена и вклучува уметнички дела од чехословачки уметници, кои не беа изложени на претходната изложба во Виена“.
Солидарната колекцијa се врти околу две перспективи. Првата е фокусирана на уникатната збирката на МСУ Скопје. Втората перспектива е онаа на современите уметници, кои беа поканети од кураторскиот колектив „What, How & for Whom“, кои го креираа концептот на поставката: Сабина Саболовиќ (директорка на „Кунстхале“ – Виена), Наташа Илиќ и Ивет Ќурлин.
Кураторките поканиле четири меѓународни современи уметници и едно уметничко дуо, кои добиле задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислиле поставка со која воспоставиле дијалог помеѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност.
На уметниците Брук Ендру (Мелбурн), Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул), за поставката во Прага се приклучува како кокуратор Радослав Ишток и уметниците Џеспер Алваер и Изабела Гросеова (Прага), кои, исто така, направиле избор дела од колекцијата на МСУ, кои ќе бидат поставени во корелација со нивните авторски дела.
Покрај нив поканета беше и светски познатата фотографка Елфи Семотан (Виена), која направи фотографии од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, а писателката Барби Марковиќ (Виена), позната по остриот спој на фикцијата и социјалната реалност, напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје.
Од МСУ во подготовките на изложбата се вклучени Благоја Варошанец, координатор на проектот и консултант во истражувањата, Владимир Јанчевски, консултант и автор на дел од текстовите за уметниците и конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.
Од колекцијата на МСУ за Прага отпатуваа дела од Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Виктор Вазарели, Џаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов, Пјер Алешински, Кристо, Томо Владимирски, Ото Лого, Димо Тодоровски, Владимир Величковиќ, Шила Хикс, Јон Григореску, Олга Јевриќ, Енрико Бај, Олга Печенко-Срженичка, Богоја Поповски, Мерет Опенхајм, Џетулио Алвиани, Ана-Ева Бергман, Роберто Мата, Золтан Кемени, Зао Ву Ки, Ханс Хартунг, Емил Фила, Франтишек Музика, Честмир Кафка, Јиржи Штирски, Јозеф Јанкович, Јан Зрзави, Оршолија Дроздик и други. Изложбата во Националната галерија во Прага ќе биде отворена за посета од 22 март до 29 септември 2024 година.