
Дел од трасата на улица Есперанто се откупила по цена како да е нечиј двор, тврдат од „Борба за Влае“
Министерството за финансии направило грешка што приватизирало дел од улицата Есперанто во Влае, тврдат жителите здружени во граѓанската иницијатива „Борба за Влае“. Според нив, дури и ако таа улица морала да биде ставена во градежна парцела, требало да се откупи по цена за оформување парцела од 12.800 денари за метар квадратен, а не да се приватизира како да е нечиј двор од 285 денари за метар квадратен. Поточно, како што велат, инвеститорот требало да плати 162.000 евра наместо 3.500 евра и прашуваат – во чии џебови завршиле пари за тој да плати толку евтино.
Препорачано
Од „Борба за Влае“ посочуваат дека во Законот за приватизација е прецизирано дека градежното земјиште што е во општа употреба (јавни плоштади, улици, сообраќајници, паркови и јавно сообраќајни површини) и градежното земјиште што со актите за урбанистичко планирање се утврдува како градежната парцела наменето за добро во општа употреба е во државна сопственост и не е предмет на приватизација.
Има исклучок од ова правило, но да се добие земјиштето кое е во функција на објектот на места каде што се предвидени нови улици, за сопственикот да добие реална компензација. Едноставно илустрирано: имате двор на куќа што отсекогаш го користите, за куќата сте платиле комуналии во минатото, но во минатото не смеело да се приватизира земјиштето. Сега општината планира улица на дел од вашиот двор. За да добиете реална компензација од општината кога ќе ја прави улицата, вие имате право да го приватизирате сопствениот двор. Но вие немате право да приватизирате постојна улица – велат од „Борба за Влае“.
Оттаму посочуваат дека исклучокот во Законот за приватизација се однесува на нови улици, не на улици кои постојат. Улици кои постојат не смеат да се приватизираат – тврдат жителите.
Што е следно? И Партизанска била дворот на Кино Влае пред децении. И неа ќе ја приватизираат, па во следниот ГУП ќе ѝ менуваат траса? Што сега откако тој ДУП е неважечки? Укинат е со Одлука У.бр.136/2017 на Уставен СУД на 9.јули 2018 година. Ќе ја врати улицата од таму од кај што ја купил? Ќе ги врати парите? Или ќе си седи така во приватна сопственост бидејќи еден ден може ќе му се погоди градоначалникот и советот да му изгласаат ДУП со парцела за неговите замислени кули? – прашуваат од „Борба за Влае“.
Тие се едногласни дека ДУП СЗ 19 за Влае 2 со парцела вцртана врз трасата на улицата Есперанто не смее да помине.
Жителите на Влае веќе втора година водат битка со општинските власти во обид да го спречат донесувањето на овој ДУП. Пред неколку месеци тие предупредија дека се планира улицата Есперанто да поминува низ училишниот двор на основното училиште „Димо Хаџи Димов“ и рекоа „не“ за продавање на старата траса на улицата Есперанто и државното земјиште на приватен инвеститор за доокрупнување парцела и изградба на кули.
За да го спречат поместувањето на улицата, влаевчани започнаа и онлајн петиција и ги повикаа сите скопјани да ја поддржат нивната борба против градежната мафија. Се сомневаа дела дел од постојната траса на улицата Есперанто ќе се даде на приватен инвеститор.
Според предложениот ДУП за градска четврт C319, се планира земјиштето од старата (постојната) траса на Есперанто, заедно со околното државно градежно земјиште, да се додаде на веќе постојната парцела од 2.575 м2 во приватна сопственост (сегашни бараки кај Кино Влае), со што ќе се добие парцела од 4.443м2 за изградба на кули од П+10 со огромен габарит. Дополнително, за да се оствари ова исправување на улицата, потребно е уривање на кујната на училиштето, како и јужната ограда, сечење огромни дрвја и одземање на дел од школскиот двор – тврдеа тогаш од Иницијативата. Сега она на што предупредуваа и се случи.
Во петицијата побараа од советниците во Град Скопје да го повлечат Регулацискиот план донесен во 2021 година, кој наметнува исправување на улицата Есперанто, а од Општина Карпош и од нејзините советници да ја остават улицата со сегашната траса и да не дозволуваат доокрупнување на имотот кај сегашните бараки на кино Влае и со тоа да се спречи изградбата на предвидената 11-катница.
Градскиот Совет излезе во пресрет на барањата на жителите и на последната седница го поништи Регулацискиот план, со што сите активности што биле направени врз основа на овој план стануваат неважечки, па предложениот ДУП ќе мора да се преработи и усогласи со оваа одлука.
Со поништување на регулацискиот план за Градска четврт СЗ 19-Влае 2 се поништуваат и сите изговори на Општина Карпош дека поради Регулацискиот план ја менувала трасата на Есперанто и планирала кули покрај Партизанска на моменталната траса на Есперанто – велат од „Борба за Влае“.