
Дали вашето срце старее побрзо од вас? Научниците развија алатка што може да ви помогне да откриете
Истражувачи од Универзитетот во Источна Англија анализирале податоци од магнетна резонанца (МРИ) од 557 луѓе – вклучувајќи 336 луѓе со дебелина, висок крвен притисок или дијабетес – од Велика Британија, Шпанија и Сингапур. Тие мереле карактеристики како што се големината на срцевите комори и ефикасноста на пумпањето крв – параметри што често се користат за предвидување на кардиоваскуларното здравје. Врз основа на ова, тие развиле формула за одредување на „функционалната возраст“ на срцето, пишува „Јуроњуз“.
Препорачано
Во просек, срцата на луѓето со фактори на ризик за здравјето биле 4,6 години постари од нивната вистинска возраст, според студија објавена во „Европски журнал за срце“. Уште поизразен забрзан процес на функционално стареење на срцето е забележан кај дебелите луѓе.
„Луѓето со здравствени проблеми како дијабетес или дебелина често имаат срца што стареат побрзо отколку што треба – понекогаш и со децении“, рекол кардиологот д-р Панкај Гарг, водечки истражувач во студијата.
Оваа алатка има и одредени ограничувања. Не се зема предвид колку долго пациентите имале здравствени проблеми, а истражувањето вклучувало само луѓе кои живееле до старост и покрај овие болести – што се нарекува „пристрасност на преживеаните“.
Истражувачката група била исто така мала, па затоа моделот веројатно треба да се тестира на поширок примерок пред да се примени во пракса.
Сепак, истражувачите се надеваат дека во иднина, лекарите би можеле да ја користат оваа алатка за советување на пациенти со ризик од срцеви заболувања, како и за олеснување на дијагнозата на кардиоваскуларни заболувања.
„Со познавање на вистинската возраст на нивното срце, пациентите би можеле да добијат совети или терапии што би го забавиле процесот на стареење, потенцијално спречувајќи срцеви или мозочни удари“, рекол Гарг, истакнувајќи ја важноста на здравата исхрана и физичката активност.
„Целта е да им се даде на луѓето вистинска шанса во борбата против срцевите заболувања“, додал тој.