
Дали ремек-делата на Маљевич вредни 100 милиони евра навистина биле пронајдени под кревет на пензионерка?
Три досега непознати масла на платно, кои се припишуваат на авангардниот уметник Казимир Маљевич, моментално се изложени во Националниот музеј на современа уметност во Букурешт. Доколку се докаже дека се автентични, нивната вредност би можела да надмине 100 милиони евра. Но, светот на уметноста е скептичен, а приказната за нивното потекло е исполнета со сомнежи, пишува Би-би-си.
Препорачано
Според сопственикот, израелскиот бизнисмен со седиште во Букурешт, Јанив Коен, делата биле пронајдени во 2023 година под душекот на неговата баба по сопруга, израелската пензионерка Ева Левандо, за време на селидба. Таа му ги подарила сликите, кои наводно ги наследила од својот татко, сметководител во Одеса.
Трите дела носат наслови „Супрематистичка композиција со зелен и црн правоаголник“ (1918), „Кубофутуристичка композиција“ (1912–13) и „Супрематистичка композиција со црвен квадрат и зелен триаголник“ (1915–16). Изложбата, која ќе трае до крајот на август, ја спонзорира стоматолошката клиника на Коен.
Иако техничките анализи направени во лаборатории во Париз и Германија потврдуваат дека боите и материјалите датираат од времето на Маљевич, тие не можат да докажат дека токму уметникот е авторот.
Историчарот на уметност Константин Акинша предупредува дека делата не се документирани, фотографирани или изложени во времето на Маљевич.
„Добри авангардни слики не се појавуваат од никаде – тие имаат јасна историја и документирано потекло“, вели тој.
Коен, пак, се повикува на сертификатите на украинскиот историчар Дмитро Хорбачов, кој ги опишал делата како „првокласни примери“ на стилот на Маљевич. Но, Хорбачов претходно потврдувал и други контроверзни дела чија автентичност е доведена во прашање.
Националниот музеј во Букурешт се дистанцира од каква било потврда за авторството, велејќи дека изложбата е „кустоски експеримент“ и дека институцијата нема експертиза за автентификација на овие конкретни дела.
И додека сопственикот тврди дека нема намера да ги продаде сликите, документи до кои дојде Би-би-си сугерираат дека делата биле понудени како залог за кредит. Тој ги негира овие информации, тврдејќи дека е финансиски обезбеден благодарение на инвестиции во криптовалути.
Акинша предупредува дека вакви случаи не се изолирани, туку претставуваат „врв на ледениот брег“ во светот на руската и украинската авангардна уметност, каде илјадници сомнителни дела и денес циркулираат на пазарот.