
Дали можеме пластичните ќеси за храна да ги користиме повеќе од еднаш?
Пластичните ќеси за складирање храна се исклучително корисни во кујната. Многумина ги користат за пакување ручеци, чување на остатоци од храната и подготвување оброци за во замрзнувач.
Препорачано
Ќесите за еднократна употреба се предвидени да се фрлаат по една употреба, но дали сепак би можеле да се искористат повторно? Од една страна, повторната употреба го намалува отпадот и заштедува пари. Од друга страна, овие ќеси не се дизајнирани за повеќекратна употреба и таквата практика може да го зголеми ризикот од болести кои се пренесуваат со храната. За да утврди дали е безбедно повторното користење на пластичните ќеси, „Рил симпл“ (Real Simple) се консултирал со експерти за безбедност на храна кои објасниле кога е тоа во ред, а кога ризикот не е оправдан.

Дали можете повторно да ги користите пластичните ќеси?
Пластичните ќеси за складирање храна не се наменети за повторна употреба – тие се за еднократна употреба.
Сепак, постојат ситуации кога е безбедно да се користат повторно, што може да помогне во намалувањето на отпадот и во заштедувањето на парите. Сè зависи од тоа што претходно се чувало во тие ќеси и дали се темелно измиени и исушени. Ако ќесето се користело за сува, немрсни намирници како леб или бисквити, може повторно да се употреби. Меѓутоа, ако ќесето се користело за чување сирово месо, риба, живина, јајца или млечни производи, бактериите може да останат дури и по миењето.
Иако е можно да се користат пластичните ќеси еднаш или двапати, нивното пречесто користење може да претставува ризик, бидејќи ќесите обично се направени од тенка полиетиленска пластика која со текот на времето може да пукне и да создаде пукнатини во кои се задржуваат бактериите. Наместо тоа, побезбедна и подолготрајна опција се стаклените садови за храна или ќесите наменети за повеќекратна употреба.
Како да ги исчистите пластични ќеси
Дури и кога се користат за складирање на суви, немрсни намирници како ореви, ѓевреци, гранола или житарки, ќесите треба да се мијат и сушат помеѓу употребата. Според зборовите на експертите, ќесите можат да задржат честички од храната и бактерии од претходната употреба. Затоа, измијте ги нежно, но темелно. Немојте премногу грубо да ти третирате ниту пак да ги превртете наопаку, бидејќи тоа може да доведе кинење и дупки. Наместо тоа, додадете малку сапун и топла вода во внатрешноста на ќесето, затворете го и протресете го за рамномерно да се распореди растворот. Потоа отворете го ќесето и нежно истријте го со меката страна на сунѓерчето пред да го исплакнете. Последниот чекор е важен: истресете го вишокот вода и оставете го ќесето отворено да се исуши целосно. Никогаш немојте повторно да користете влажни ќеси бидејќи влагата може да го поттикне растот на бактериите.
Имајте на ум дека миењето на пластичните ќеси не ја гарантира нивната целосна безбедност за повторна употреба. Микроорганизмите може да се задржат во микроскопските неправилности на површината на пластиката.
Како да го продолжите животниот век на пластичните ќеси
Пластичните ќеси не се долготрајни, но со соодветна грижа може да се користат неколкупати. Прво, чувајте ги подалеку од топлина. Топлината и топлата вода може дополнително да ја разградат пластиката, што може да резултира со ослободување на хемикалии, адитиви или микропластика во храната. Кога ги миете ќесите, користете млака вода наместо топла. Исто така, препорачливо е да се почека врелата храна, како што е свежо печениот леб, да се излади пред да ја ставите во ќесички.
Чувајте ги и подалеку од влага, бидејќи влагата може да го поттикне растот на микроорганизмите. На пример, кога чувате измиено овошје или зеленчук во пластично ќесе, прво исушете ги.
Кога да ги фрлите пластичните ќеси
Ако сакате да бидете целосно безбедни, фрлете ги пластичните ќеси по секоја употреба. Во повеќето случаи, не е добра идеја повторно да ги користите бидејќи не знаете какви микроорганизми би можеле да содржат. Експертите препорачуваат веднаш да ги фрлите ќесите во следниве случаи:
– Доколку претходно биле користени за складирање на производи од животинско потекло.
– Доколку биле изложени на топлина.
– Доколку покажуваат знаци на абење, како што се дупки, дамки или непријатни мириси.
– Доколку покажат необични дамки или заматување што може да биде мувла.