
Дали ќе спиеме подобро ако јадеме храна што содржи мелатонин?
Мелатонинот е хормон на сонот кој нашето тело природно го лачи и кој го регулира циклусот на спиење и будење. Кога доаѓа до нарушување на неговото ниво поради несоница, нарушен биоритам или болест, се јавува потреба за дополнителен внес на овој хормон, пишува „Е-клиника“.
Препорачано
Храна што содржи мелатонин
Банани
Бананите се природен извор на мелатонин и можат да го зголемат неговото ниво во крвта. Покрај тоа, богати се со калиум, кој влијае врз регулирањето на крвниот притисок, функцијата на срцето и мускулите, и помага во спречување на грчеви. Комбинацијата на мелатонин и минерали придонесува за смиреност на организмот пред спиење.
Киви
Истражувањата покажуваат дека секојдневната консумација киви може да го подобри квалитетот на сонот. Луѓето кои јаделе киви еден час пред спиење побрзо заспивале, спиеле подолго и поквалитетно. Кивито содржи и антиоксиданси и растителни влакна, што дополнително го поддржува општото здравје.
Вишни
Сокот од вишни е еден од најпознатите природни извори на мелатонин. Истражувањата покажуваат дека редовното консумирање вишни го продолжува времетраењето на сонот и го зголемува процентот на време поминато во длабок сон.
Ф’стаци
Меѓу јаткастото овошје, ф’стаците се издвојуваат со највисока содржина на мелатонин. Тие се и извор на растителни протеини, здрави масти, антиоксиданси и минерали, што ги прави особено корисни за опуштање на организмот и подобар ноќен одмор.
Лосос
Рибата како лосос придонесува за поквалитетен сон, главно поради високата содржина на омега-3 масни киселини и витамин Д. Недостатокот на витамин Д е поврзан со пад на мелатонинот и нарушувања на спиењето. ДХА, вид омега-3 киселина во лососот, директно ја стимулира продукцијата на мелатонин во телото.
Како правилно да внесуваме мелатонин и витамини?
Со вклучување на намирници богати со мелатонин во секојдневната исхрана, можно е на природен начин да се поддржат телесните ритмови и да се обезбеди посмирен ноќен одмор. Треба да се внимава, бидејќи не секогаш е добро да се јаде овошје непосредно пред спиење.
Сепак, секој организам е различен, па добро е да се посоветувате со нутриционист ако одлучите преку исхрана да го зголемите внесот на мелатонин. Во секој случај, овошна ужина секогаш е добра опција.