Фото: ЕПА / Влада / Колаж: Слободен печат

Дали Груби ќе заврши како Груевски или како Мијалков?

Со Македонија управува триото Ахмети, Груби, Османи, ДУИ ја ограбуваат и ја ставаат Македонија на колена, да ги пратиме во опозиција, изјавуваше сегашниот премиер Христијан Мицкоски во предизборието кога главната реторика и напади беа насочени кон Демократската унија за интеграции.

Но, главен виновник за Мицкоски беше Артан Груби, на чие конто се редеа обвинувања, најмногу за Државната лотарија, за надзорот на „Бехтел и Енка“, дека купил хотел на Попова Шапка по багателна цена и ред други. Всушност, Груби за ВМРО-ДПМНЕ стана она што беше поранешниот премиер Никола Груевски за СДСМ на чело со Зоран Заев.

Груевски беше обвинуван за „заробување“ на државата, за огромен криминал, а против него се водеа многубројни судски постапки. СДСМ градеше мит дека ќе ја ослободи државата и Груевски и неговиот братучед Сашо Мијалков ќе одговараат за секој криминал. Сличен е митот сега на ВМРО-ДПМНЕ за ДУИ.

Но, освен ова, Груби и Груевски ги поврзува и тоа што и двајцата во најпогоден момент со дипломатско возило ја напуштија земјава, едниот во Унгарија, другиот на Косово. Додека многубројни новинарски екипи и јавноста чекаа Груевски да отиде во затвор конечно на издржување на затворската казна за случајот „Тенк“, односно за набавката на луксузниот „мерцедес“, тој напиша статус.

„Во последните неколку денови примив безброј закани за мојот живот. Јас сум во Будимпешта и побарав политички азил од унгарските власти. Секогаш ќе ѝ останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам“, напиша Груевски, кој не одлежа ниту еден ден в затвор.

Истражните органи никогаш не открија кој е виновен за бегството на Груевски, но Заев детално кажа како избегал.

– Со лифт се симнал во подрумот, а потоа се скрил во багажникот на автомобилот со кој бил изнесен од земјата. Во Албанија го чекало унгарско дипломатско возило – објаснуваше тогаш премиерот Заев.

Исто како и Груевски, Груби ја напушти земјава со дипломатско возило, една недела откако Стејт департментот го стави на „црната листа“ заедно со судијата на Апелацискиот суд, Енвер Беџети, поради вмешаност во корупција за заедно да го застарат случајот за „масовното прислушување“, односно да го спасат поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

– Мојата последна информација е дека подолго време поранешниот прв човек на „Лотарија на Македонија“, Прпарим Бајрами, не се наоѓа на територијата на нашава земја, а дека поранешниот потпретседател на Владата, заедно со уште едно лице, стопанственик, во возило со дипломатски таблички ја напуштил Македонија, и последно се упатил кон нашиот северен сосед Косово. Тоа е последното со кое јас располагам како информација – рече премиерот во телевизиско интервју.

Еден во Будимпешта, друг на Косово

Груби во Косово не беше пренесен во багажник, туку со дипломатското возило на почесниот конзул на Косово во Македонија, Арсим Папранику, успешен бизнисмен во Македонија и регионот, сопственик на „Нептун“ и инвеститор во изградбата на Ист гејт мол.

Еден ден откако замина на Косово, беше објавено дека Обвинителството води истрага против него за „Државна лотарија“.

Но, за разлика од Груевски, вицепремиерот на својот фејсбук-профил напиша дека ќе се врати.

„Денеска патував за приватна посета. Ве молам, немојте да измислувате и да шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување“, објави Груби.

Тоа значи дека засега се во игра неколку сценарија, Груби да не се врати исто како Груевски, да биде во кратко бегство како Мијалков со „пазар“ со институциите или да се врати и да се соочи со обвиненијата. Веќе почнаа шпекулации дека Груби ангажирал адвокат што бил во Јавното обвинителство и предложил тој да се врати во земјава, но само ако му биде определен куќен притвор.

Извори од Обвинителството за „Слободен печат“ ги негираат овие информации и се децидни дека тие бараат притвор за Груби, а Судот е тој што треба да го одреди. „Слободен печат“ испрати прашања и до адвокатот Владимир Доневски, но не добивме потврда дека тој го застапува Груби и дека веќе почнал „пазарот“.

Иако Кривичниот суд одреди мерки за претпазливост за четири лица што се дел од истрагата за „Државна лотарија“, за Груби и Бајрами дополнително ќе одлучува.

Според нашите информации, Судот прво формално треба во Министерството за внатрешни работи да ја проверува достапноста на лицата Груби и Прпарим Бајрами, кои се на Косово, па потоа, доколку МВР официјално ги извести дека не се достапни, судија на претходна постапка да одлучува дали ќе им определи притвор.

– До судија на претходна постапка е доставен и предлог за определување мерка притвор против две лица опфатени со истата истрага, која почнува да се спроведува од нивно пронаоѓање, предлог за кој Судот е во фаза на постапување, а за што во текот на денот јавноста ќе биде дополнително известена – велат од Кривичен.

Иако не се знае следниот чекор на Груби, веќе се детектирани пропусти кај полицијата, затоа што бил пуштен да ја премине границата, а истовремено бил на стоп-листа. И министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека имало пропусти на граничниот премин „Блаце“ од каде што Груби заминал за Косово. Па така и покрај стоп-листата, Груби ја напуштил земјава нималку драматично како Груевски. Како што објасни Тошковски, тој ја дал патната исправа на граничната полиција, таа му била вратена и заминал за Косово.

Утврдени пропусти кај полицијата

– Одредени полициски службеници од граничната полиција сториле пропусти во текот на вчерашниот ден во утринските часови. За нив се води темелна истрага во моментов. Не би сакал да ја претпоставувам постапката од сегашен аспект, но ве уверувам дека за многу кратко време ќе бидете информирани, лично сметам дека таму не е постапено во согласност со правилата и процедурите на МВР и сметам дека е сторена голема грешка во рамките на работењето при вршење задолжителни прегледи што требало да бидат извршени од излегување од Македонија во Косово на одредени лица – рече Тошковски.

Тој се надева дека за сите до еден ќе обезбедат докази за да се најдат пред лицето на правдата. Бајрами, пак, ја напуштил државата уште пред повеќе од десетина дена.

И по напуштањето на вицепремиерското место, Груби самиот објави дека имал полициско обезбедување, иако според Уредбата на Владата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите мерки и активности и степените на обезбедување, по завршување на мандатот задолжително обезбедување имаат претседателот на државата и претседателот на владата, додека за другите поранешни функционери се прави безбедносна процена „во случаи кога е оценет висок степен на опасност по нивниот живот и личниот интегритет, од страна на министерот за внатрешни работи може да се определат вонредни и посебни мерки и активности за обезбедување за времетраење на опасноста“.

Според нашите неофицијални информации, кога им завршил мандатот на поранешните функционери, МВР се обратило до Агенцијата за национална безбедност со допис да направат процена за безбедносен ризик за сите што имале обезбедување. Груби бил еден од оние за кои се направила процена дека треба да биде обезбедуван.

Од Министерството за внатрешни работи не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ дали Груби самиот побарал или добил обезбедување по безбедносна процена на службите.

Засега останува апелот од министерот Тошковски, Груби да се врати и да докаже дека е чист како солза како што тврдеше кога објави дека се повлекува од јавниот живот.

– Еден од тие двајца што во текот на вчерашниот ден кажа дека доброволно ќе се врати во Македонија, јас би сакал да му верувам, кажа дека е чист како солза. Јавно упатувам порака да се врати во Македонија, ако сѐ уште не е вратен, и да им овозможи на институциите соодветно да ја завршат оваа постапка, со цел на крај да ја утврдиме правдата – порача министерот.

Груби има јавна гаранција од Тошковски дека ќе му биде овозможен процес на правда како што ѝ доликува на една нормална земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот