
Дали Борисов на Трамп помладиот му нудел енергетски компании, прашува бугарската опозиција
Претседателот на бугарската партија Преродба, Костадин Костадинов, објави дека поднел извештај до обвинителството против Бојко Борисов за сомневања за предавство на средба со Доналд Трамп помладиот, а врз основа на напис во „Волстрит џурнал“.
Препорачано
„Треба да се спроведе парламентарна истрага за средбата меѓу лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, и Доналд Трамп помладиот“, изјави Ивајло Мирчев, копретседател на „Да, Бугарија“ и пратеник од коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП–ДБ).
Пред новинарите во Парламентот, Мирчев изјави дека на сослушување треба да бидат повикани и Борисов, како и бугарскиот министер за енергетика, пренесува БТА.
Во статија на „Волстрит џурнал“ се наведува:
„Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, кој сè уште е највлијателниот човек во Бугарија, виде можност – рекламирањето на гасоводот и другите бугарски ресурси би можело да му обезбеди средба со американскиот претседател, со кого се сретна во 2019 година. Освен тоа, Борисов се обидува да обезбеди ублажување на санкциите според законот „Магнитски“ за некои од неговите најблиски соработници.“
Борисов вчера изјави дека секогаш го промовирал проектот „Балкански тек“ и категорично негираше дека лобирал за отстранување на Дељан Пеевски од списокот „Магнитски“. Тој додаде дека на синот на американскиот претседател му раскажал како на списокот бил внесен човекот што ја внесе Бугарија во Европскиот банкарски сојуз и еврозоната – поранешниот министер за финансии Владислав Горанов.
Не сум го споменал Пеевски, потенцираше лидерот на ГЕРБ, отфрлајќи и тврдења дека нудел бугарски енергетски компании, вклучително и рафинеријата „Лукоил“.
„Бев поканет на состанок со Трамп помладиот, со кого имав работен ручек во Софија. Отидов, се видовме, се сетивме на убавите времиња и си заминав. Каков скандал е тоа, со оглед на тоа што дури и денес плативме еден милион и педесет илјади на Ботас. Зошто не прашате како е потпишан овој договор“, рече Бојко Борисов во интервју со Николај Бареков, а делови беа објавени на Фејсбук страницата на политичката партија ГЕРБ во врска со статија во „Волстрит џурнал“.
Според Борисов, Доналд Трамп помладиот не дал никаква понуда. Лидерот на ГЕРБ негираше дека поставил услов неговите сојузници, кои беа санкционирани според Законот Магнитски, да бидат извадени од списокот.
„Од моја страна, јас раскажав што ни направија нашите противници – нè апсеа, нè држеа во ќелии и нè малтретираа. Раскажав како го применија „Магнитски“ на човекот што нè внесе во Европската банкарска унија и еврозоната“, рече лидерот на ГЕРБ за поранешниот министер за финансии Владислав Горанов.
Мирчев оцени дека е „зачудувачки што досега нема објаснување“ зошто и како дошло до оваа средба.
„Ако Борисов навистина се обидел да извади човек од списокот „Магнитски“ нудејќи бугарски средства, тоа е сериозен проблем и заслужува парламентарна истрага“, нагласи Мирчев.
Тој додаде дека од канцеларијата на Трамп помладиот не било објавено ништо за средбата, освен спомнување на „работен ручек“, а ГЕРБ само дискретно ја спомнале.
„Кога постои средба на вакво ниво и не се објавува ништо, а потоа се дознава дека се разговарало за размена на бугарски ресурси за изземање на политичар од „Магнитски“, тоа најмалку заслужува сослушување и истрага. Ако корупцијата стигнала до ниво на тргување со милијарди вредни интереси, тогаш Бугарија има огромен проблем.“, рече Мирчев.