
Црквата нема пари да го догради храмот „Св. Константин и Елена“, бара верниците да помогнат
Скопската епархија на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) вели дека денеска соопшти дека не може да продолжат работите на изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“, која со години стои недоградена.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Епархијата бара граѓаните, односно верниците, да помогнат и да донираат да се доизгради храмот на улицата „Македонија“ во строгиот центар на Скопје.
„Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Скопската епархија сметаат дека македонскиот народ и верниците заслужуваат храмот во центарот на главниот град да биде завршен и да се подготви за осветување и да биде ставен во функција. Како прв чекор кон тоа, потребно е да се изработи фрескоживописот. Немајќи доволна финансиска можност за да го доизгради храмот, Скопската епархија изразува надеж дека во следниот период ќе се најдат благочестиви христијани кои ќе го помогнат довршувањето на храмот ‘Свети Константин и Елена’, кој ќе биде гордост на градот и на МПЦ-ОА“, се вели во соопштението на Скопската епархија.
Поглаварот на МПЦ-ОА, архиепискот Стефан, во јануари се сретна со градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, откако општинскиот Инспекторат најави дека ќе се тргаат тарабите од градилиштето за црквата оти нема градежни активности и поминат е рокот за градба. Поглаварот на МПЦ-ОА му кажа на Герасимовски дека црквата ќе ја доградат, а тарабите не ги тргаат бидејќи не било безбедно.
Црквата „Св. Константин и Елена“ почна да се гради во ноември 2012 година, а на поставувањето камен-темелник присуствуваше и тогашниот премиер Никола Груевски. Инвеститори се МПЦ-ОА и Фондацијата „Св. Цар Константин“, формирана од МПЦ специјално за изградбата на црквата. Груевски организираше три донаторски конференции со македонски компании за да се соберат пари за изградба.
Црквата ја градеше компанија „Бетон“. Пред година и пол, приватната болница „Ремедика“, која исто како и „Бетон“, е во сопственост на бизнисменот Минчо Јорданов, го презеде преостанатиот долг на МПЦ и Фондацијата „Св. Цар Константин“ од околу 3,5 милиони евра за да работи подобро, без милионскиот долг за изградбата на црквата. Сопругата на бизнисменот, Елица Јорданова, тогаш изјави дека „си купува црква и ќе си пали свеќи за здравје“.
Во исто време додека бара пари од граѓаните за довршување на храмот на улица „Македонија“, МПЦ-ОА е еден од коинвеститорите на станбено-деловниот мегакомплекс којшто се гради крај Вардар, на местото на поранешниот паркинг кај хотелот „Холидеј Ин“. На паркингот, поголемиот дел од просторот беше јавен, а помал дел ѝ припаѓаше на Црквата, добиен со денационализација бидејќи на тоа место на времето била лоцирана поранешната црква „Св. Константин и Елена“. Таа парцела ја докупи фирмата Обновители ДОО, во заедничка сопственост на МГ Фешн и на МПЦ, преку т.н. процес на „окрупнување“. Истовремено, црквата „Свети Константин и Елена“ од оваа локација доби нова локација – онаму каде што сега се наоѓа пред Домот на АРМ на улица Македонија.