
Чувa историја стара 12.000 години: Што е „запишано“ во мразот од Монблан?
Мразот земен од глечерите дава детален запис за атмосферата, зачувана во слоеви мраз, што е вредна алатка за истражувачите да ја проучуваат човечката историја.
Препорачано
Примерокот од ледено јадро земен од Алпите е првиот што датира од последното ледено доба, обезбедувајќи витални историски податоци за животната средина во последните 12.000 години, пишува „Саенс алерт (Science alert)“.
Ова откритие го направи тим научници од Францускиот национален центар за научни истражувања и Лабораторијата за ледено јадро на Институтот за истражување на пустината во Невада. Научниците анализирале цевка долга 40 метри што содржи примерок од мраз земен во 1999 година од планината Дом ду Гутер, дел од масивот Монблан.
Студиите за мраз од глечерите во Европа открија зголемување на загадувањето со олово уште од Римското Царство. Изотопите на кислород и водород заробени во овој мраз даваат запис за климатските промени, дозволувајќи им на научниците да ја документираат климата од античките времиња.
„За првпат, пронајдовме прилично комплетен запис во мразот на Алпите за атмосферските врнежи и нивниот хемиски состав, кој датира од мезолитскиот период. Ова е важно, бидејќи постојат два главни климатски услови – глацијални и меѓуглацијални. Податоците што ни даваат запис за хемијата на атмосферските врнежи за време на оваа огромна климатска промена зборуваат за најекстремните природни концентрации на аеросоли“, рекол хидрологот Џо Меконел од Лабораторијата за ледено јадро.
Локацијата е особено важна овде. Наоѓањето древен мраз во Европа што датира од времето кога човечката популација во областа растела, им дава на експертите многу попрецизни мерења на локалната средина низ вековите – преку честички прашина, морска сол, сулфур, саѓи и друго – отколку мразот собран од пооддалечени региони како Арктикот.
Истраженото ледено јадро опфаќа огромен опсег на историја, сè до ловците-собирачи кои биле широко распространети во тие области, сè до подемот на земјоделството и припитомувањето на животните.
Мразот им дава на истражувачите увид во минатото: летата во Алпите се чини дека биле за 3,5 степени Целзиусови поладни отколку околу времето на последното ледено доба, и за два степени Целзиусови поладни низ Западна Европа.
Со следење на концентрациите на фосфор (ослободен од растенијата), тимот утврдил промени во вегетацијата во текот на изминатите 12.000 години. Шумите се прошириле во потоплите клими и се намалиле во модерното време поради развојот и расчистувањето на земјиштето.
„Интересно е да се пронајде првото ледено јадро од Европските Алпи кое содржи недопрен климатски запис што се протега низ сегашниот топол период од десет илјади години до многу различната клима од последното ледено доба“, рекла геонаучникот Сузан Пројнкерт од Универзитетот во Гренобл во Франција.
По четвртина век складирање, староста на леденото јадро е проценета дури сега со користење на најновите техники за хемиска анализа, како што се мерење на нивоата на изотопи на јаглерод и аргон.
Истражувачите, исто така, ги анализираат нивоата на морската сол за да ги следат промените во моделите на ветерот со текот на времето и да развијат подобри климатски модели што ја поврзуваат морската сол, моделите на облаци и сончевото зрачење.
„Ако навистина сакате да се вратите назад и да ги испитате сите можни климатски состојби, минати и идни, ви е потребен модел што ја доловува вистинската климатска варијабилност. За да процените колку се добри моделите, треба да можете да ги споредите со набљудувањата. И тука влегуваат во игра ледените јадра“, рекол Меконел.