Членките на ЕУ да го прифатат планот за раст, апелира Маричиќ

Фото: Фејсбук, Бојан Маричиќ

Очекуваме на Самитот следната недела Советот да даде поддршка на Плаот за раст, бидејќи сега е во фаза на разгледување од државите членки. Тоа е планот за раст кој ние го баравме како идеја, ние од Западен Балкан, од Северна Македонија сме го барале од Брисел и од ЕУ да ни овозможат пред членството да имаме некои придобивки од заедничкиот пазар, во областа на транспортот, трговијата, земјоделството, во областа на зелената транзиција, заштитата на животната средина, градење на инфраструктурата итн, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за МИА.

Тој додаде дека секако дека планот е врзан со сериозни реформи во финансискиот систем, начинот на управување со буџетот, зајакнување на транспарентноста и контролата врз трошењето на парите, како и реформи во правото и судството.

-Овие реформи ќе бидат врзани со конкретна финансиска помош и финансирање на конкретни проекти од страна на Европската Унија. Има шест милијарди за целиот регион, нам ни припаѓа еден сериозен дел од тоа, согласно големината на државата и економијата, така што тој План ни овозможува да ги забрзаме реформите, да добиеме дополнителна финансиска помош што сега ја немаме, дополнителна и од ИПА фондовите и од сите други фондови кои што ни се сега достапни – рече Маричиќ.

Вицепремиерот испрати апел кон државите членки на ЕУ да се прифати овој план, да се поддрши и предвидат буџетските импликации во Буџетот на ЕУ, за потоа тој механизам да биде функционален и прифатлив за нас.

-Доколку се оди според планираното мислам дека уште на почетокот на вториот квартал од наредната година, тоа значи април некаде, да ги имаме првите планирани средства за Северна Македонија и најкасно мај да ги имаме исплатено. Тоа е еден динамичен инструмент, кој што треба нас на некој начин да не мотивира побрзо да направиме некои работи поврзани со реформите, тоа е одговорноста и на Владата и на Собранието, така што тука ќе треба сите политички партии да покажат зрелост и затоа сакаме и инсистираме на инклузивен начин да се разгледува овој план, а од друга страна ЕУ на тоа брзо да реагира и да обезбеди средства кои што ќе може да користиме и да ги финансираме проектите веќе во првата половина на наредната година – рече вицепремиерот.

-Ние заборавиме дека само пред седум години извештаите на Европската комисија звучеа страшно, укажуваа на заробена држава кај нас во Северна Македонија. Денес сме во ситуација каде што за само седум години можеме да очекуваме да бидеме членка на Европската Унија и тоа е една суштинска разлика што ние треба да ја сфатиме како наша шанса, вели Маричиќ.

Тој додаде дека земјава има реална прилика за седум години да биде таму каде што сме сакале и мечтаеле да бидеме повеќе децении. Вицепремиерот истакна дека Планот за развој на Западен Балкан е динамичен инструмент што треба да не мотивира побрзо да ги спроведиме реформите.

-Таква брзина и интензитет во вакви инструменти се гледа првпат во последните 20-тина години откако се започнати процесите на нашата интеграција и тоа е за поздравување. Тоа е тоа што ни требаше, бидејќи обично секогаш била обвинувана Европската Унија, но и целиот овој процес на европска помош дека оди многу споро, многу долго и дека ефектите се гледаат после многу време и доцна. Сега со овој пристап ќе имаме ефекти побрзо и ќе имаме видливи ефекти коишто ќе го вратат и кредибилитетот на Унијата, но и динамиката во нашиот реформски процес – рече Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот