
Четири страшни несреќи со мотори во еден ден — повеќемина завршија во болница
Четири сообраќајни несреќи со мотори се случија во неделата во Штип, Охрид, Свети Николе и Битола, при што тројца мотоциклисти и една сопатничка се здобија со тешки телесни повреди, а уште еден возач на мопед со полесни повреди – дел од нив биле и под дејство на алкохол.
Препорачано
Пијан мотоциклист паднал на патот за Штип
На 21 септември 2025 година, во 17:30 часот во СВР Штип, е пријавено дека на регионалниот пат Штип-Плачковицa, 31-годишниот М.К. од Чардаклија, штипско, управувајќи мопед со штипски регистарски ознаки изгубил контрола и паднал на коловозот, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Мотоциклистот завршил во Клиничката болница Штип со тешки повреди.
Полицијата констатирала дека возачот го управувал мопедот под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1.67 промили во крвта.
Тинејџер во Охрид направил сообраќајка со мотор
Истиот ден, во 21:20 часот во СВР Охрид е пријавено дека на улицата „7 Ноември“ во Охрид, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „рено“ со охридски регистарски ознаки, управувано од 69-годишниот Б.Џ од Охрид и мопед „априлија“ со охридски регистарски ознаки, управуван од 18-годишниот Н.З. од охридското село Лескоец.
Н.З. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид.
Мотор се судрил со автомобил во Свети Николе
Во неделата во 14:40 часот во Полициската станица Свети Николе е пријавено дека на крстосницата од ул.„Кочо Рацин“ и ул.„Крсте Мисирков“ во Свети Николе се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл „хонда“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 33-годишниот А.К. од Скопје и патничко возило „пежо“ со светиниколски регистарски ознаки, управувано од 50-годишната Е.Ѓ. од Свети Николе.
Мотоциклистот завршил со тешки повреди Клиничката болница Штип.
Моторџија и неговата сопатничка завршиле со тешки повреди во Битола
Истиот ден, во 14:58 часот во СВР Битола е пријавено дека на крстосница од ул.„Филип Втори Македонски“ и ул.„Наум Наумовски Борче“ во Битола се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сеат“ со битолски регистарски ознаки, управувано од 44-годишниот Г.Г. од Битола и мотоцикл управуван од 22-годишниот С.А. од Битола.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила 50-годишната С.А. од Битола, која се превезувала на мотоциклот, а со телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Клиничката болница Битола.