Авторот на наградениот драмски текст ќе биде објавен на прес-конференција

Четири драмски текстови се пријавени на конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ во Драмски театар Скопје

На објавениот конкурс за доделување на наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор до 30 години, пристигнаа четири пријави, информираа од Драмски театар Скопје.

Согласно Правилникот за доделување на наградата „Горан Стефановски“ формирана e Комисија составена од пет члена од редот на истакнати и компетентни лица. Од редот на вработените во НУ Драмски театар Скопје, за членови на Комисијата се именувани: Викторија Рангелова Петровска – драматург, Дејан Лилиќ – актер првенец и Димче Николовски – режисер асистент. Како надворешни членови се именувани Жанина Мирчевска – драматург и Венко Андоновски – теоретичар на театар/литература. Членовите на Комисијата се должни на првиот состанок да изберат претседател.

Мандатот на надворешните членови на Комисијата е две години со право на реизбор по поминати четири години од првиот завршен мандат, а внатрешните членови имаат право на реизбор на неограничен број пати.

Комисијата е должна да ги оценува поднесените драмски текстови и постапката за избор на најдобар драмски текст од млад автор да ја спроведе во согласност со критериумите наведени во Правилникот. Пријавениот драмски текст покрај останатите критериуми треба да биде неизведуван и да биде оригинално авторско дело, а не драматизација или адаптација на романи, новели или мотиви на постојни драмски дела.

Авторот на наградениот драмски текст ќе биде објавен на прес-конференција во пресрет на 27 април, денот кога бил роден Горан Стефановски. Добитникот на наградата ќе потпише Авторски договор со НУ Драмски театар Скопје согласно кој театарот се обрзува да го инкорпорира наградениот драмски текст во предлог-програмата на театарот и да го продуцира со изведба на малата сцена или на сцената „Ристо Стефановски“ во театарот во рок од две години сметано од денот на завршување на Конкурсот.

Добитникот ќе добие еднократна парична награда во висина од 60.000,00 денари, а Авторот се обврзува да не го оттуѓува текстот, поточно авторското право на други правни и физички лица сè до праизведбата во НУ Драмски театар Скопје.

На сцената на Драмски театар е поставена импресивна бројка од 15 премиери на Горан Стефановски почнувајќи од 1974 година, кога се постави праизведбата на „Јане Задрогаз“ во режија на Слободан Унковски, до праизведбата на „Огнени јазици“, исто така, во режија на Слободан Унковски во 2013 година. Осум драмски текстови се праизведбени постановки токму во Драмски театар.

Конкурсот за најдобар драмски текст од македонски млад автор до 30 години има за цел да го негува сеќавањето на Горан Стефановски, да ја афирмира современата македонска драма, да го поттикне македонското драмско творештво и да го одржи континуитетот на македонското драмско писмо, известија од НУ Драмски театар Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот