Ковачевски и Денков / Фото Колаж на Слободен печат

Бугарскиот премиер Денков до Ковачевски: Очекуваме да се усвојат уставните измени како што стои во европскиот компромис

Новата бугарска Влада очекува Република Северна Македонија да ги усвои измените на Уставот што се договорени со европскиот компромис постигнат во 2022 година, е пораката која што бугарскиот премиер Николај Денков му ја упатил на премиерот Димитар Ковачевски во телефонски разговор.

– Какви напори и да вложуваме за позитивен развој на билатералните односи, тие ќе останат во втор план или нема да се реализираат доколку прашањето за вклучување на Бугарите во македонскиот Устав не се реши соодветно – изјавил Денков.

Прес-службата на бугарската Влада соопшти дека Денков кажал дека и во двете држави има сили кои не сакаат добрососедски односи и се обидуваат да поттикнат тензии. Тој уште се обврзал дека „во овие услови бугарскиот кабинет ќе биде извор на смиреност, но под услов да нема инциденти во Северна Македонија, а доколку се случат такви, државата веднаш ќе реагира“.

Прес-службата на македонската Влада, пак, соопшти дека во разговорот било изразено очекување од двете страни за добра меѓувладина соработка, во интерес на граѓаните и на добрососедските односи.

„Разговарано е за важноста од промоција на позитивната реторика којашто придонесува за меѓусебната доверба, како и од продолжување на динамиката во билатералната агенда и средбите меѓу министрите во владите кои ќе придонесат кон постигнување резултати кои се конкретни и видливи за граѓаните“, пишува во соопштението.

Во разговорот заеднички било оценето дека е потребна конструктивност во пристапот и понатамошната соработка, а двајцата премиери изразиле увереност дека тоа го очекуваат и граѓаните на Македонија и Бугарија, но и регионот, Европската Унија и меѓународните партнери.

Во меѓувреме, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук одговараше на критиките во бугарската јавност за барањето да се одложи гласањето за извештајот за земјава. Во изјава за БНТ тој кажа дека одложувањето на извештајот за Северна Македонија ќе биде од корист за сите, но пред сѐ за самата земја, да ѝ го даде потребното политичко време да ги реши сите проблеми.

– Има елементи и амандмани, пречистени текстови со кои се повикува РСМ да води сметка за тоа што се случува во државата, напади врз луѓе со бугарска самосвест и тоа да се коригира согласно законот – вели Ќучук.

Тој во разговорот додаде дека не работи под диктат и категорично ги отфрли тврдењата дека од извештајот ги исклучил барањата на Бугарија за запирање на говорот на омраза и почитување на правата на луѓето со бугарска самосвест.

– Ова не е единствен текст, туку цел компромис. Потоа, билатералните прашања заземаат посебно место во секој извештај. Трето, прашањата за правата на Бугарите, нивното место во јавниот живот на РСМ и јазикот на омразата заземаат сосема друго место – изјави Ќучук.

Според него, извештајот не може да ги реши историските прашања и проблемот со идентитетот, а во основата на добрососедските односи се Договорот од 2017 година, Договорот од Преспа и францускиот предлог. Европскиот парламент, како што рече, промовира добрососедски односи, а сѐ друго се шпекулации.

– Го внесов и амандманот за вклучување на Бугарите, Црногорците и Хрватите во Уставот на Северна Македонија. Тоа е многу чувствителен процес, отворањето на кој било устав е многу сложен механизам кој бара јавна дебата, но пред се политичка. Водејќи се од ова и од практиката на ЕП, кога се зборува за вакви важни прашања да не се пишуваат извештаи, да не гласаат извештаи, на колегите им предложив гласањето да се остави за наесен – изјави Ќучук.

Тој уште додаде дека за време на престојот во Скопје се сретнал со лидерите на владејачката партија и на опозицијата и од нив побарал гаранции за создавање механизми за набљудување на кршењето на човековите права и слободи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот