Брзи кредити и понатаму ќе се одобруваат електронски, но со заштитни механизми

илустрација

Досега можела да помине и трансакциска сметка преправена со фотошоп, или пак, купен телевизор, машина за алишта, фрижидер… со туѓа лична карта?!

По низа злоупотреби на лични документи, кога луѓе без да знаат се соочиле со блокирани сметки за да плаќаат брзи кредити што не го користеле, Министерството за финансии конечно ја подобрува регулативата. Донесен е Правилник за начинот за управување со кредитниот ризик на финансиско друштво, но еден дел од него ќе се применува од 1 мај, а друг на 1 јули. Делот чии одредби се однесуваат на идентификација на кредитобарателите треба побрзо да го види светлото на денот, а оној дел што се однесува на еден вид заштита од презадолженост ќе почне да се применува подоцна.

Според новиот Правилник, „доколку средствата се исплаќаат на личната платежна сметка на клиентот, финансиското друштво не треба да врши идентификација и ажурирање на податоците на клиентот“. Ова значи како и досега, по електронското аплицирање крдитобарателите лесно може да ги добијат парите на своја сметка. Но, сега има заштитни механизми од злоупотреба.

– И понатаму е можно електронска аплицирање, при што или ќе се користи комбинирана шема на проверка на идентитетот, или парите ќе се исплатат само на сметка на клиентот. КИБС нуди сервис каде што може да се провери по одреден податок чија е сметката. Досега можеше и фотошоп да се направи на сметките, односно да се смени име и презимето, како на некој со чија лична карта лажно се земаше заем. Така парите одеа на една сметка, а долгот се водеше на друг човек – објаснува извор за „Слободен печат“.

Нашиот извор вели дека најмногу злоупотреби се случувале во трговијата.

– Досега трговците нудеа продажба на производи во договор со финансиските друштва, но така што не се споредуваа податоците од личната карта што служеше за земање на кредитот, со податоците на оној што ја преземаше стоката. Па, така беше можно да се каже да се испорача стоката на сосема друга адреса. Веќе нема да може така да се прави. Тој што плаќа, односно кој го подигнал кредитот, мора да се идентификува и при преземањето на стоката, на пример телевизор, фрижидер или некоја друга машина – вели нашиот соговорник.

Со новиот Правилник граѓаните треба да се спасат и од преголема задолженост. Од 1 јули, одобрениот кредит треба да биде таков што ратата не може да биде поголема од 70 проценти од примањата. Или, ако некој има 30.000 денари плата, ратата може најмногу да биде 21.000 денари. Сепак, според познавачите, ова од една страна е добро, но од друга отвора простор за земање пари на црно.

Битката за регулирање на пазарот на брзи кредити, веќе подолго време ја водеше и Народниот правобранител. Тој минатата година презентирајќи го Годишниот извештај пред новинарите, посочи дека за земен брз кредит од 9.000 денари, граѓанин бил принуден да плати сума за осумпати поголема од главниот долг, или 75.772 денари. Притоа, тој појасни дека само надоместокот за доцнење на овој кредит бил 58.846 денари. Во вчерашното гостување на ТВ 24 тој повтори дека продолжуваат поплаките за огромните обврски по земените брзи кредити, а посочи и пример каде што на лице со попреченост му бил украден идентитетот и така му е направен долг.

Во државава има 33 финансиски друштва. Сите рекламираат дека брзо и едноставно се доаѓа до кредит. За кредит од 30.000 денари на 8 рати, преку „М кеш“ ратата е 6.778 денари. „Флекс кредит“ на својата страница има објавено дека во случај на кредит од 10.000 денари за период од 3 месеци, вкупниот износ на камата за периодот на користење на заемот ќе биде 419 денари. „Иуте“, како најпопуларен кредит на својата страница го наведува оној од 30.000 денари. Каматата е нула денари, но надоместокот за одобрување е 7.154 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот