„Бритиш ервејс” откажува уште десетина илјади летови на блиски дестинации

Авиокомпанијата „Бритиш ервејс” соопшти дека ќе откаже уште 10.300 летови до блиските дестинации од распоредот летови за периодот од август до крајот на октомври. Со тоа бројот откажани летови во периодот од април до октомври ќе достигне до 30 илјади, објави „Би-Би-Си”.

Во синоќа објавеното соопштение авиокомпанијата посочува дека ќе ги откаже летовите на лондонските аеродроми „Хитроу”, „Гетвик” и „Лондон Сити”. Секторот за воздушен транспорт се соочува со недостиг на работници во период кога изразено растат побарувањата за авионски превоз по пандемијата на коронавирусот.

„Целиот авијациски сектор продолжува да се соочува со значајни предизвици и ние сме целосно фокусирани на зајакнување на отпорноста на нашиот бизнис за да им ја дадеме на клиентите безбедноста што ја заслужуваат”, стои во соопштението од „Бритиш ервејс”.

Од компанијата посочуваат дека се во контакт со клиентите на кои ќе им биде понудена рефундација на парите или резервација на друг лет, со можност за избор на друг превозник.

За уредникот на списанието „Травел” Рори Боланд, вчерашното соопштение на „Бритиш ервејс” е показател на неуспехот на компанијата да се справи со летниот распоред на летови.

„’Бритиш ервејс’ продолжи да ги промовира и продава летовите што не можеше да ги оперира и покрај тоа што илјадници клиенти се соочија со хаосот настанат со откажувањата изминатите неколку недели”, рече Боланд.

Соопштението на „Бритиш ервејс” сигнализира дека голем број авиокомпании, вклучително и „Изиџет” се принудени да се „приземјат” во амбициите од очекувањата за одлично лето, забележува „Би-Би-Си”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот