
Британските научници: Новата терапија го намали туморот на мозокот кај пациентот за половина
Експерименталната терапија во која радиоактивни инјекции директно се вбризгуваат во туморот на мозокот помогна да се намали туморот за половина кај 62-годишен пациент, наведоа британските лекари.
Препорачано
Пол Рид, инженер од Лутон, е првиот пациент кој е подложен на оваа експериментална терапија, а лекарите се надеваат дека тоа би можело да претставува голем напредок во лекувањето на ракот, објави вчера Би-би-си.
На Рид му бил дијагностициран глиобластом, вид на рак на мозокот од кој повеќето пациенти умираат во рок од 18 месеци.
И покрај операцијата, после која следувала радиотерапија и хемотерапија, лекарите во јуни му рекле на Рид дека туморот повторно расте.
Лекарите му понудиле шанса да стане првиот пациент кој ќе биде подложен на клиничко тестирање на новата терапија што ја спроведува Фондацијата на Универзитетските болници на Лондон (УЦЛХ).
Како дел од експерименталниот третман наречен „ЦИТАДЕЛ-123“, хирурзите отстрануваат што е можно повеќе од туморот пред да вметнат мал медицински уред во черепот кој е директно поврзан со туморот со помош на цевка.
Медицинскиот тим потоа директно го инјектира лекот „ATT001“ во туморот, кој помага да се поправи оштетената ДНК во клетките со мали количини на радиоактивност.
Лекот, кој се дава еднаш неделно во период од четири до шест недели, ги убива клетките на туморот, но не им штети на здравите клетки.
„Оваа експериментална терапија беше спас за мене, пресреќен сум што ми се укажа шанса да бидам дел од ова клиничко тестирање“, изјави Рид.
Онкологот и консултант на УЦЛХ, Пол Малхоланд, рече дека намалувањето на туморот на Рид е извонредно достигнување со оглед на тоа што се работи за многу агресивен рак.
„Нашата цел е да ја излекуваме оваа болест“, рече тој, додавајќи дека туморите на мозокот не метастазираат низ целото тело, така што насоченото вбризгување на лекот директно во туморот е вистинскиот пристап за лекување.