Британија се обидува да организира хуманитарна пауза во Газа

Џејмс Клеверли/ Фото Martyn Wheatley / Parsons Media / imago stock&people / Profimedia

Британија се обидува да договори привремен прекин на непријателствата во Појасот Газа за да може да се достави повеќе хуманитарна помош до опколените Палестинци, соопшти Форин Офисот. Испораките на помош за Газа беа прекинати поради израелското бомбардирање на енклавата како одговор на масакрот на Хамас во јужен Израел на 7 октомври. Шефот на британската дипломатија, Џејмс Клеверли, рече дека помошта за Газа тече и мора значително да се зголеми.

„Интензивно работиме со Египќаните, Израелците и другите за да организираме привремена хуманитарна пауза за испорака на помош до луѓето на кои им е потребна“, рече Клеверли во резиденцијата на британскиот амбасадор во Абу Даби. Тој не повика на целосен прекин на огнот во конфликтот меѓу Израел и Хамас.

Засега, Израел ги отфрла меѓународните повици за хуманитарна пауза, вклучително и апелот на ОН, затоа што, како што постојано повторуваше, од тоа примарно ќе има корист Хамас. Околу милион луѓе беа раселени во Газа поради бомбардирањето. Министерството за здравство на Хамас тврди дека во воздушните напади досега се убиени над 8.000 Палестинци.

Израел започна воена операција откако милитантите на Хамас ја нападнаа израелската територија во мугрите на 7 октомври и, според властите, убиле околу 1.400 луѓе и држеле 239 заложници. Подоцна денес, Клеверли се среќава со министерот за надворешни работи на ОАЕ, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот