
Браво сине! – Проектот „Современи бајки од Македонија“ го привлече интересот на дизајнерите и на илустраторите
Отворениот повик за изработка на креативни илустрации за најновиот проект „Современи бајки од Македонија“ на Движењето за креативност „Иво Лауренчиќ“ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс ламина“ предизвика голем интерес помеѓу илустраторите и дизајнерите.
Препорачано
Отворениот повик за илустратори и дизајнери е втората етапа од проектот „Современи бајки од Македонија“, а илустрации ќе се работат за четирите победнички бајки: „Перуника“ од авторот Сибо, „Бакнежот на пролетта“ од авторката Елизабета Баковска, „Сончевото момче Ил“ од авторката Катерина Данаилова и „Осаменото дрво“ од авторката Нина Максимова. По изборот на четири победнички бајки од пристигнати 442 бајки од 316 автори, следуваше и овој отворен повик за илустратори и дизајнери, со што „Современите бајки од Македонија“ овозможуваат писателите и илустраторите да го изразат својот автентичен креативен потенцијал и да создаваат современа македонска култура.
Краен рок за учество на конкурсот е 20 март, а пристигнатите решенија ќе ги разгледува жири-комисија составена од претставници на Движењето за креативност „Иво Лауренчиќ“ – „Браво Сине!“, претставници на издавачката куќа „Арс ламина“ и надворешни членови (експерти од областа). Конкурсот за „Современи бајки од Македонија“ следува по големиот успех на претходните проекти „Бајки од Македонија“, „Бајки од Македонија за цела година“ и „Басни од Македонија“, кои постигнаа голем успех, а дел од нив се преведени на седум јазици, Брајово писмо, наградувани во светот и дома и се едни од најпродаваните книги за деца кај нас.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 73, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 март 2021)