
Борисов задоволен од извештајот за Македонија: Мило ми е што беше слушнат гласот на Бугарија
Поранешниот премиер на Бугарија и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов по вчерашното гласање на извештајот за Македонија во Европскиот парламент порача дека повторно им пружа рака на пријателите во Македонија.
Препорачано
„Ајде да продолжиме напред заедно, врз основа на почит и спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство. Во мое и во име на Бугарија тие секогаш ќе имаат искрен и близок партнер.
Ова е јасен знак дека кога Бугарија е обединета – кога сите наши пратеници, институции и политички сили дејствуваат заедно – ние можеме да постигнеме резултати и да го браниме националниот интерес на највисоко ниво во Европа! Посебна благодарност на Андреј Ковачев и на нашето семејство – Европската народна партија!“, рече Борисов по повод одлуката на ЕП да ги отфрли „македонскиот идентитет и јазик“ од извештајот подготвен од Томас Вајц, објави БГНЕС.
Борисов вели дека во последните недели имал голем број разговори со европските лидери и претставници на водечките политички семејства во ЕУ, на кои им објаснил дека европските документи не треба да се користат за националистичка пропаганда, туку, како што нагласи, треба да служат на вистината и добрососедството. „Мило ми е што беше слушнат гласот на Бугарија“, порача тој.
Европскиот парламент вчера го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година. Пред гласањето по документот, беа усвоени амандманите предложени од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), со кои се избришани делови од текстот во Извештајот каде се споменуваа „македонскиот јазик и идентитет“.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека светот видел со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21 век. Тој нагласи дека Македонија е блокирана на европскиот пат од Бугарија не од сега, туку уште од 1990 година.