
Благодарност до возачот што ме пушти да поминам на пешачки
Една од работите која секогаш одново ме воодушевува (а применлива е за се во нашава секојдневна живеачка) е дека секој возач е во право.
Скопје е преполно со добри возачи кои лошо возат. Уште од тинејџери тие едвај чекаат да седнат зад воланот за да се преточат во толпата која по цел ден се брза некаде, како да е крајот на светот. Правилата се тука со причина, ама многумина не само што не ги почитуваат, туку и возачите, но и пешаците гледаат да ги прекршат во секоја дадена прилика. И притоа ако е можно, да поминат без казна.
Препорачано
Таква ни е сообраќајната (не)култура. Пешачките премини можеби треба да бидат преименувани или да им се даде додавка „повремени“, бидејќи многу ретко пешаците се тие кои имаат предност. Па дури кога е таков случајот, тие се вртат накај возачите што ќе запрат со автомобилот пред пешачки, да ги погледнат, за секој случај, дали навистина добиле дозвола да поминат. А тие, господарите на улиците, ќе посочат со раката одобрувајќи, како да направиле некое чудо. А всушност, само го испочитувале правилото. Епа, голема благодарност навистина, извинете што ви скративме цели три секунди од вашето драгоцено време.
А свирките? Ах, тие незаборавни делови од секој автомобил. Па како и би ги заборавиле, кога секој возач постојано не потсетува дека ја има. Свирките се можеби и најкористен дел од автомобилот на просечен скопски возач. Не сте сигурни дека е така? Пробајте да поминете низ Центар некое попладне. Додека сте заглавени во сообраќајот, сигурен сум дека ќе успеете цела симфонија да слушнете.
Една од работите која секогаш одново ме воодушевува (а применлива е за се во нашава секојдневна живеачка) е дека секој возач е во право. Покрај свирките, и пцовките се често неизоставен дел од скопската возачка шема. Така што, доколку мислите дека сте поминале со автомобилот низ град, а вашето постоење и на некој најблизок член од вашата фамилија не било спомнато од нечија уста, тогаш сте во голема заблуда. Летаат пцовки и се „силува“ свирката доколку – застанеш пред некого, доколку не тргнеш во истата секунда кога ќе светне зелено на семафорот, доколку тој помине на црвено бидејќи те чекал.
А да се обидете следниот пат кога ќе возите да бидете потрпеливи или пак ако доцните да излезете порано, бидејќи исто како вие што имате луѓе кои се грижат за вас и вие за нив, така имаат и останатите членови на сообраќајот.
Брзото, лошо и нервозно возење не значи побрзо стигнување на целта. За жал, некогаш не се ни стигнува. Доволно е да се погледне црната полициска статистика.