
Битолскиот театар почна со подготовките на петтата премиера за оваа година
Во Народен театар – Битола започнаа пробите за петтата премиера во овој театар за оваа година. Се работи за „Едмонд“ по текст на Дејвид Мемет, а во режија на Оливер Мицевски.
Препорачано
Во претставата играат: Огнен Дранговски, Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска Јанкуловска и Маја Андоновска Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.
Во изминатите години, Мицевски работеше во Данска, Унгарија, Франција и неговите претстави со голем успех се играат на сцените на најзначајните европски театри. Така, минатата година по вторпат беше дел од фестивалот „CPH Stage“ во Копенхаген, најголемиот театарски фестивал во Данска што ги собира најдобрите претстави од тековната сезона. Тој се претстави со неговата претстава „4.48 Психоза“, работена по текст на англиската драмска авторка Сара Кејн.
Мицевски завршил театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје и специјализација по Ибзен во Центарот „Ибзен“ на Универзитетот во Осло, Норвешка. Во 2012 во Будимепшта го основал својот приватен театар „Oliver Micevski’s Theatre Company“, своевремено единствен театар на англиски јазик во Будимпешта, заедно со група унгарски театарски работници, со кои, како што вели, ја делеа идејата дека градот Будимпешта, како европска крстосница и туристички центар, има потреба од театар со репертоар на претстави на англиски јазик.
Претставата „Едмонд“ е дел од Годишната програма на Министерството за култура и туризам, а премиерата се очекува за 28 јуни годинава.