Сцена од претставата „Ричард Трети“ на Битолскиот театар

Битолскиот театар најави гостувања на повеќе фестивали во текот на септември

Во септември претставите на Народниот театар Битола ќе се одиграат на повеќе фестивали низ Македонија и публиката ќе има можност да ги погледне претставите „Фетишист“, која на 9 септември ќе гостува на Фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица, а на истиот фестивал на 12 септември ќе биде изведена претставата „Ричард Трети“.

Претставата за деца „Снежана и седумте џуџиња“ на 13 септември ќе биде изведена на Театарскиот фестивал за деца „Малиот принц“ во Штип, а на 16 септември на Театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“ во Прилеп.

Претставата „Рибарски караници“ ќе гостува на МТФ „Денови на комедијата“ во Куманово на 25 септември.

Претставата „Фетишист“ е направена по делото на Мишел Турние, а во режија и изведба на актерот Здравко Стојмиров. Истата има за цел да ја претстави извртената реалност на еден живот што бивајќи свртен наопаку, поради тешките услови од војните од минатото, личните неуспешни борби, притисокот од општествените вредности и наметнатата реалност ја прикажува единствената можност за постоење на еден човек, кој иако изгубен во реалноста, одлично живее во својот замислен свет и успева да најде задоволство во живеењето, каде самиот се обидува да ја создаде својата среќа и покрај сите непријатности што го следат.

Сцена од претставата „Фетишист“ со Здравко Стојмиров

Музиката за претставата ја направи Пеце Трајковски Брада. За оваа претстава на 23-то издание на Интернационалниот театарски фестивал во Ресен, актерот Стојмиров ја доби наградата „Актер на Европа“ за годишно остварување. Истата беше изведена на јубилејното 25. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола.

Претставата „Ричард Трети“ е поставена по делото на Вилијам Шекспир, во режија на Мартин Мирчевски. „Во секој од нас постои некаков Ричард. Се поставуваат прашањата: зошто ние како луѓе имаме толку самоуништувачки нагон, сопствениот вид да го сотреме, дали постои некаде во природата некое друго суштество што толку има потреба себеси да се самоуништи? Ние всушност, не живееме, ние преживуваме“, вели Мирчевски.

Во претставата играат: Мартин Мирчевски, Илина Чоревска, Маја Андоновска-Илијевски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Марија Стефановска, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Кристијан Танчевски. Преводот е на Драги Михајловски, адаптација и режија на Мартин Мирчевски, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографија на Андреј Ѓоргиевски – Папаз.

Сцена од претставата „Снежана и седумте џуџиња“

Претставата „Снежана и седумте џуџиња“ го отвори јубилејното издание на „Македонско културно лето“, во организација на Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“. Претставата е по текст на Љубивое Р’шумовиќ, но се употребени и референци од бајките на браќата Грим, во режија на Драгана Милошевски Попова, драматург е Билјана Крајчевска, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимограф е Андреј Ѓоргиевски, композитор е Марјан Неќак, кореограф е Игор Киров.

Во театарската изведба на „Снежана и седумте џуџиња“, публиката е сведок на борбата помеѓу доброто и злото, преплетена со хумор, емоции и музика. Претставата е наменета и за децата и за возрасните. Улогата на Снежана ја игра Ана Грамосли, а во останатите улоги се: Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска Дранговска, Борче Ѓаковски, Никола Пројчевски, Маријан Ѓоргиевски, Живко Борисовски, Александар Димитровски, Петар Спировски, Александар Копања и Марија Стефановска.

Сцена од претставата „Рибарски караници“

Претставата чија премиера беше под отворено небо, до и на Ротинското езеро, „Рибарски караници“, е во режија на Јован Ристовски. „Ова е храбра претстава и иако е како театарски жанр комедија, е и сатира во некои сцени. Ликовите, без разлика што се случува меѓу нив, на крајот наоѓаат едно меѓусебно човечко разбирање кое треба да покаже дека таа љубов и емпатија меѓу народот недостасува“, истакнува Ристовски.

Улогите ги толкуваат: Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Соња Ошавкова, Петар Горко, Марија Цветановска, Леонида Гулевска, Валентин Дамчевски, Елена Моше, Живко Борисовски, Петар Спировски, Александар Димитровски, Илина Чоревска, Катерина Аневска – Дранговска и Марија Стефановска.

Драматург на претставата е Билјана Крајчевска, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се на Андреј Ѓоргиевски, композитор на музиката е Александар Димовски, продуцент е Димитар Михајловски. Режисерот заедно со актерите го направија препевот на овој текст, и се зборува на дијалекти од западна, источна, југозападна Македонија. На 22 септември оваа претстава ќе биде изведена на сцената на Битолскиот театар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот