Битола подготвена за кошаркарски спектакл, МЗТ го доби трофејот во трајна сопственост

Фото: КФСМ

По пауза од 17 години Битола ја доби организацијата на завршниот турнир во Купот на Македонија кој ќе се одржи од 15. до 17. февруари. Денеска домаќинот Пелистер организираше прес-конференција на која присуствуваа претставниците на осумте екипи учесници.

Пред почетокот на прес-конференцијата претставниците на МЗТ Скопје го добија пехарот во трајна сопственост и најавија лов по 12. трофеј во ова натпреварување.

„Мило ми е што се повеќе градови низ Македонија стануваат кошаркарски, што тоа сега ќе важи и за Битола, која е познато како ракометен град. МЗТ има 11 куп-трофеи, а годинава одиме да освоиме уште еден. Два шампионски пехари веќе освоивме во Битола, се надевам дека овој град ќе ни биде среќен и во куп-завршницата. Гостивар ни е прв противник, предводен од легенда на македонската кошарка. Почнавме лошо во 2024 година, па потоа врзавме пет победи и во релативно добро расположение одиме на Купот“, изјави помошникот во стручниот штаб на МЗТ, Миодраг Тодоровиќ.

Гостивар на спротивната страна е предводен од еден од најдобрите македонски тренери на сите времиња, Јорданчо Давитков.

„Очекувам кошаркарски фестивал бидејќи екипите се израмнети и на сите ќе им треба посебен труд за да дојдат до трофејот. Во Купот нема фаворити, тоа е специфично натпреварување и никој нема гарантирана победа. Единствен проблем за Гостивар е тоа што имаме многу повредени играчи, на последниот натпревар бевме комплетни, но кошаркарите се едвај на 30-40-отсто од капацитетот. Илузорно е за МЗТ да се трошат зборови, последната деценија е најдобра екипа во Македонија и со овие играчи што ги има доминира. Ќе се обидеме да дадеме отпор и да одиграме најдобро што можеме, а ќе видиме колку е тоа доволно. МЗТ Скопје е прв фаворит за освојување, а ние ќе се обидеме да им попречиме во остварувањето на нивната цел“, изјави Давитков.

„Организацијата на овој куп е уште еден чекор во развојот на КК Пелистер, кој со влегувањето на компанијата Таск Форс ќе биде дополнителен чекор напред и играчки и организациски. Затоа, организацијата на купот е важен фактор за нас за продолжување на развојот, веруваме дека ќе го положиме тој организациски испит и дека на крајот од овој турнир сите ќе бидеме со позитивни впечатоци“ –  порачаа од КК Пелистер.

Тренерот на Работнички, Горан Самарџиев, најави дека „центарци“ се подготвени да атакуваат на трофејот:

„Голема чест и задоволство е да се биде дел од овој настан, се надевам дека ќе биде во најдобар ред. Како играч имам многу куп-трофеи, но сега сум во поинаква улога. Работнички секогаш атакува на трофеи, поголем акцент ставаме на титулата, но кога сме тука секако дека ќе сториме се за да го кренеме и куп-пехарот“, прокоментира Горан Самарџиев на денешната прес-конференција.

„Црвено-белите“ од Скопје во четвртфиналето ќе се сретнат со ТФТ, ривал што два пати го совладаа во Првата лига, но што сигурно е способен да им создаде проблеми, па избраниците на Самарџиев мораат да бидат на висина на задачата ако сакаат да ја минат првата пречка.

„Голем поздрав за идејата куп-натпреварувањето да биде надвор од Скопје, сметам дека тоа ќе биде голем мотив за битолската публика и мислам дека ќе донесе дополнителен шмек на ова натпреварување. За нас купот засекогаш ќе остане специјално натпреварување, нешто што одговара на нашиот менталитет бидејќи со себе носи и емоција и инспирација. За некој да го освои купот треба да биде на физички план подготвен за три врвни меча за три дена, што не е нималку лесна. Противник ни е Работнички, екипа што е во завршна фаза на враќањето на победнички патеки. Тоа е тим што ни ги нанесе двата најубедливи пораза оваа сезона. Фокусот ни е на првиот меч, а сонуваме за финале в сабота“, изјави стратегот на ТФТ, Боро Смилковски.

Тренерот на кавадарчани верува дека и покрај двата тесни порази во последните две пресметки со МЗТ Скопје и со Работнички, тимот на Еуро Никел ќе се врати на победнички патеки токму за куп-завршницата.

„Доаѓаме период откако за пет дена одигравме два интересни дуела. Во претстојниот период сме фокусирани само на дуелот со Чаир, можам да кажам дека имаме максимален респект кон противникот, знаеме дека имаат претрпено играчки промени во однос на првиот меѓусеен дуел. И тие исто како и ние имаме своја математика, ни останува да се претставиме во најдобро светло “, изјави тренерот на Еуро Никел, Тодор Манев.

Во таборот на Чаир владее оптимизам дека во дебито на куп-натпреварувањето ќе се успее да се стигне најмалку до една победа.

„Сосема заслужено сме дел од ова натпреварување. Еуро Никел е тим што го респектираме, тие се единтвениот тим што успеа да слави против нас во Чаир. Ги увидовме грешките од тој меч, добро ќе се подготвиме, се наоѓаме во добра форма од три победи по ред и верувам дека ќе одиграме добар меч“, прокоментира стратегот на Чаир, Ерхан Рамадан.

Феникс лани приреди изненадување со пласманот во големото финале, а скопскиот клуб ќе допатува во Битола со уште поголем оптимизам, најавувајќи атак на големиот трофеј.

„Ние лани игравме финале, оваа година сме дојдени за да го освоиме трофејот. Ќе бидам краток. Го почитуваме секој противник, Пелистер е квалитетна екипа, наптреварот ќе биде тежок, но ние доаѓаме за да се обидеме да го освоиме трофејот“, прокоментира тренерот Денис Дервишевиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот