
Битиќи: Спасивме 80 илјади работни места, а за тоа никој не зборува
Вистински верувам дека тоа што сме го направиле е со добра намера. Второ, сите чекори се институционални и нема простор да не се бранат. Секој ден гледам дека општеството сака да живее во средена средина, ама ако може за нас малку да се замижи на едното око. Иднината на нашата земја е владеење на правото, а не градење паралелни системи. Институциите мора да функционираат добро за сите, а сме виделе колку лоша работа е паралелен систем, тефтери за едно, за друго, и треба време за да се уредат тие работи, вели вицепремиерот за економски прашања во Владата, Фатмир Битиќи, во СТУДИО 10 на ТВ 24.
Препорачано
– Јас не сум се јавил на министерот за внатрешни работи јас и моето семејство да си ги земеме пасошите оти сме сликани пред 32 дена и нема да го сторам тоа, ќе чекам. Верувам дека оваа држава може да функционира, исто за сите оти сите сме граѓани на оваа земја – вели Битиќи.
Битиќи за застојот со вадењето пасоши вели дека е тоа инструирано од ВМРО-ДПМНЕ со лажни закажувања што предизвикале системот да падне, за подоцна нивниот министер за МВР да го „реши“ проблемот со 50.000 фиктивни јавувања. Тој додава дека има паралелен список за фотографирање што е со термин по завршување на работното време кој го нарече „сваровски“ список.
– Кога ме прашуваат зошто влегов во политика и во СДСМ, јас велам дека сум земал од ова општество и се чувствувам должен да возвратам и еден ден да можам да им кажам на моите деца дека сум се обидел да направам подобро – вели Битиќи.
Штета што оваа Влада се соочи со многу надворешни кризи и голем дел од средствата мораше да се насочат на санирање на последиците од тие кризи, нагласи вицепремиерот.
– Предвидувањата на Светска банка беа дека во ковид-кризата Македонија ќе загуви 98 илјади работи места, но ние спасивме 80 илјади работни места и за тоа никој не зборува – истакна Битиќи.
Тој додаде дека се направени низа добри работи за овие седум години, но жал му е што не се успеа да им се помогне на студентите со нов студентски град. Студентски дом се направи во Тетово, каде што никогаш немало, но таков треба да има и во Штип.
– Во економскиот дел речиси нема нешто што СДСМ ветила, а не исполнила – потенцираше Битиќи.
Битиќи дополнително додаде дека во моментов најслабата точка е владеењето на правото, а најслаба точка на опозицијата е тоа што немаат понуда и градат сегрегирано општество за разлика од СДСМ која има јасна европска визија. Тој информираше дека оваа влада има навистина многу постигнувања. Просечните плати во образованието се зголемени за 47 до 70 отсто, во одбраната просечната плата е зголемена како и во МВР, а зголемени се и пензиите и мининалната плата.
– Нека живеат луѓето подобро, нека имаат благостостојба. Не треба да не фалат. Само нека им е подобро на сите, јас ќе бидат среќен – заклучи Битиќи.