Куче / Фото: Pexels

Безуспешно го будите кучето кое ја изгубило свеста? Итно однесете го кај ветеринар – можно е да станува збор за мозочен удар

Мозочниот удар кај домашните миленици е релативно ретка појава, но кога ќе се случи, често е тешко да се препознае. Настанува кога доаѓа до нарушување на протокот на крв во мозокот, и, како и кај луѓето, се јавува при крвен тромб или крварење, пишува „Љубимци“.

Исхемискиот удар кај кучињата е предизвикан од ненадеен недостаток на доток на крв во мозокот, додека хеморагичниот е последица на крварење во мозочното ткиво.

Според „Фрст ејд фор петс“, постојат пет главни симптоми на мозочен удар кај кучињата.

1. Промени во одењето

Куче кое доживеало мозочен удар испраќа предупредувачки знаци при движење. Оштетувањето на мозокот ја нарушува способноста да остане исправено. Ако одеднаш изгуби рамнотежа, не може да стои, се наклонува на една страна или се потпира на вас, веднаш побарајте ветеринарна помош.

2. Губење на контрола врз органите

Мозочниот удар може да предизвика губење контрола над телесните функции – повраќање, силно забрзано дишење, дијареа, неконтролирано мокрење, срцеви аритмии и проблеми со дишењето. За разлика од стомачните тегоби, овие симптоми при мозочен удар траат подолго и се многу поинтензивни. Можно е кучето постојано да се обидува да повраќа „на суво“ и да не може да престане.

3. Екстремна исцрпеност

Силен замор може да биде знак на мозочен удар. Доколку миленикот одеднаш „заспија“, можно е да изгубил свест. Ако не реагира на обиди за будење, веднаш јавете се на ветеринар.

4. Необични телесни реакции

При мозочен удар, мозокот испраќа погрешни сигнали кон телото. Кучето може да не реагира на вашите команди, да оди без насока, во кругови, или да не може да оди по права линија.

5. Проблеми со очите

Мозочниот удар влијае и на контролата на очите. Забележете невообичаени движења – постојано вртење или погледи од една на друга страна. Можно е едното око да остане неподвижно, а другото да се движи, или очите да изгледаат како да се фокусираат на различни точки.

Доколку забележите било кој од овие симптоми, реагирајте веднаш – времето е клучно за спасување на животот на миленикот.

Состојби што можат да доведат до мозочен удар кај миленикот

Мозочен удар кај кучето може да предизвикаат нелекувани или неоткриени здравствени проблеми, како што се: крвни тромби, нарушување на згрутчувањето на крвта, пукање на крвни садови или аневризма, тумори, Кушингов синдром – прекумерно производство на хормонот кортизол, висок крвен притисок, болести на бубрезите, дијабетес, срцеви заболувања, рак, како и изложеност на одредени токсини – на пример, отров за стаорци.

Идентификација на причината за мозочниот удар

Нема специфичен третман за целосна поправка на оштетувањата на мозокот кај миленик по мозочен удар. Сепак, ветеринарот ќе се обиде да го утврди можниот причинител со цел да спречи повторување. Некои миленици целосно се опоравуваат, додека кај други остануваат трајни оштетувања.

Доколку ударот е предизвикан од висок крвен притисок, се препишува терапија за негово намалување. Ако причината е крвен тромб, може да се применат антикоагуланси за разредување на крвта.

Мозочните удари кај милениците можат да се превенираат, бидејќи често се поврзани со основни заболувања. Редовните ветеринарни прегледи можат навремено да откријат потенцијални ризици и значително да ја намалат веројатноста за појава на мозочен удар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот