
Денеска се навршуваат 9 години без легендата на македонската драмска сцена Ацо Јовановски
Ацо Јовановски е роден на 31 декември 1930 година во Скопје. Тој беше е македонски филмски и театарски актер, еден од легендите на македонската драмска сцена, бардот на македонското глумиште.
Препорачано
Јовановски беше првата генерација на дипломирани актери, а филмската кариера ја започнува со улогата во првиот македонски филм „Фросина“ во 1952 година. Според неговите актерски остварувања може да се окарактеризира како актер кој успешно и подеднакво се снаоѓа во толкувањето улоги во комедии, историски драми и филмови со современа тематика.
Детството, младоста, школувањето и комплетната работа ги поминал во Скопје. Татко му бил чиновник, а мајка му домаќинка. Имал шест браќа и сестри. Тој многу сакал да оди на претстави но тогаш почнала Втора светска војна, па немал можност да го исполни својот сон.
По војната, во 1944/45 година, бил создаден Македонскиот народен театар, кој бил многу посетуван, а Ацо често ги гледал претставите, на кои се зборувано на македонски јазик.
За тоа Ацо изјавил: „Одевме со големо задоволство да гледаме претстави, конечно на својот мајчин јазик“. Тогаш за првпат ги сретнал Петре Прличко, Тодор Николовски, Илија Милчин, Марија Бошкова и Илија Џувалековски.
Во 1948 година излегол конкурс за глумечка школа каде во конкуренција од околу 40-50 луѓе, бил избран и Јовановски. Во овој период тој го започнал своето тригодишно школување. Во последната година од глумачката школа бил ангажиран во првиот македонски филм „Фросина“.
По земјотресот во 1963 година, Ацо Јовановски заминал во МНТ каде се задржал 13 години, каде станува еден од најдобрите македонски глумци. До идењето во пензија во 1995 година има одиграно околу 100 премиери во театарот и околу 40 премиери на филм, а едни од позначајните беа „Фросина“, „Волчја ноќ“, „Виза на злото“, „Мирно лето“, „Крст Ракоч“, „Денови на искушение“, „Македонска крвава свадба“, „Планината на гневот“ …
Има добиено бројни награди: За животно дело, за ролји и еден орден за труд. Тој е единствениот македонски актер, кој заедно со Петре Прличко ја има добиено наградата „Славица“, а целиот свој работен век го помина во Драмскииот театар од Скопје, а публиката ќе го памети по улогата на Досе во „Бегалка“, која е една од неговите заштитни улоги.
Почина во Скопје на 86 годишна возраст, на 18 март 2016 година.